ЦРНА ГОРА

Ризикот за туристите и за странските фирми во Црна Гора е особено висок во туристичкиот град Котор, од каде што потекнуваат двете најозлогласени организирани криминалистички групи „Кавчани“ и „Шкаљарци“, се наведува во безбедносниот извештај на компанијата „Крисис 24“, пишува весникот „Дан“.
Во овој извештај се наведува дека состојбата со шверцот во Црна Гора се влошува поради лошото контролирање на границите и корупцијата меѓу граничните и царинските службеници. Важен ризик од криминалот што им штети на фирмите и на туристите е и ситниот криминал, особено во приморските области.
– Слично како и во другите земји од Западен Балкан, и во Црна Гора цвета организираниот криминал. Бројот на насилни инциденти на јавните површини меѓу различните криминални мрежи се засилил во последните неколку години, а со тоа се зголемува и ризикот од колатерална штета и ранување на минувачите. Црна Гора е дел од шверцерските траси на Западен Балкан, низ која поминува големо количество дрога, цигари, оружје и луѓе – пишува во извештајот на „Крисис 24“.
Други пречки за успешно работење на фирмите се и неефикасната бирократија и недостигот од работна сила за различни сектори. Во наредните месеци кризата со коронавирусот најверојатно ќе предизвика и организирање штрајкови на незадоволни работници, особено во туризмот, транспортот, рударството и тешката индустрија.