Воената интервенција на САД на Косово претставуваше кратка, успешна војна со мали влогови, запаметена како незначајна, ако воопшто се сеќаваме на неа, како што најчесто е случај со Американците, дури и кога се наближува нејзината 20-годишнина. Но, косовската војна, иако кратка (траеше околу три месеци), не е мала, туку претставуваше пресвртна точка во меѓународната политика, пишува „Фајненшл тајмс“. 

Кризата ги соочи српските воени сили на Слободан Милошевиќ против албанските бунтовници. Борбите се засилија во март 1999 година, соседите на Косово беа преплавени со бегалци и Западот се вклучи. НАТО употреби сила што резултираше со повлекување на српските трупи и влегување на силите на Алијансата на Косово, по 78-дневното бомбардирање на Србија.

Токму примерот на оваа војна се спомнува во дискусиите кога се разгледуваат можности за воени интервенции низ светот. Жестоките политички дебати околу влегувањето во Сирија или во Либан се последица од загриженоста која тогаш беше изразена за ситуацијата на Балканот.

Тогашниот британски премиер Тони Блер ја опиша воената интервенција на Косово како „борба помеѓу доброто и лошото, помеѓу цивилизацијата и варварството“, но ситуацијата не е наполно чиста. 

Случајот за воена интервенција под меѓународното право, беше базиран врз желбата за спречување на наводните злосторства на Србите, но во пракса, тоа значеше поддршка на Ослободителната војска на Косово, која САД претходно ја прогласија за терористичка организација. Тоа беше борба за потполна независност наспроти лимитираната цел на Вашингтон за политичка автономија. Властите во САД беа свесни дека моралистичката реторика сокрива политички ризици. Разузнавачките служби предупредија оти ОВК се обидува да испровоцира масакр од српската војска во надеж дека ќе го убеди НАТО да ја поддржи независноста на Косово.

Војната отвори прашања и за користа од НАТО кои се актуелни и денес. Европските сојузници се противеа на воената интервенција на Алијансата, уште откако генералот Весли Кларк го претстави планот на американската војска за бомбардирање на Белград. Водечките европски политичари бараа други опции, под образложение дека воената интервенција е преголема закана.

За САД, придонесот на НАТО воглавно беше политички, помагајќи за создавање на поддршка во американската јавност за воената интервенција. Тоа создаде и основа за администрацијата на американскиот претседател Џорџ В. Буш да бара поддршка од НАТО пред инвазијата на Ирак, како и подоцнежното негодување на Доналд Трамп поради зависноста на Европа од американската војска за нејзината безбедност.

Русија, пак, иако традиционално е сојузник на Србија, се позиционираше на страна на Западот во време на конфликтот, што беше сметано за стратешка одлука поради зависноста на Кремљ од западната финансиска помош.