Во пресрет на претстојните состаноци со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, германското Министерство за надворешни работи објави дека обединета Европа не завршува со надворешните граници на ЕУ.

Стратешкиот суверенитет на Европа е незамислив без блиски врски со Западен Балкан, е наведено во соопштението.

Според изјавата објавена на веб-страницата на министерството, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, во следните две недели ќе разговара со албанскиот, со српскиот министер за надворешни работи и со министерот за надворешни работи на БиХ.

Покрај тоа, државниот министер Михаел Рот ќе се состане со црногорскиот министер за надворешни работи во Берлин во првата половина на оваа година.

– Пандемијата останува голем предизвик за сите земји во Европа. Против пандемијата може да се бориме само долгорочно преку тесна размена, меѓусебна поддршка и заеднички решенија. На почетокот на пандемијата, 27-те земји-членки на ЕУ составија пакет вреден 3,3 милијарди евра. За поддршка на земјите од Западен Балкан – се наведува од германското министерство за надворешни работи.

Германија е сериозна и во поглед на перспективата за пристапување во ЕУ за сите земји на Западен Балкан. Затоа е важно да се продолжи со интензивна работа на овој пат заснован на реформи и да се поддржи, стои во соопштението.