Црна Гора

Северот на Црна Гора е изложен на нов бран иселувања, а од почетокот на годината има најава за отселување на најмалку десет илјади граѓани кои се подготвуваат да заминат на работа во Германија. Се проценува дека во наредната деценија, на територијата која ја сочинуваат 52 отсто од територијата на ЦГ, ќе останат да живеат само 67.000 луѓе. Овие драматични бројки ги објавија од невладината организација „Еуромост“ од Бијело Поље, што укажува на последиците од законските измени што ги донесе германскиот парламент за олеснување на вработување на странци.
Големата преселба е официјално потврдена и од Заводот за статистика на Црна Гора (МОНСТАТ), од каде што информираат дека најмногу луѓе ги напуштиле големите урбани центри како Бијело Поље и Никшиќ, градови во кои се најголемите инвестиции, пишува „Вечерње новости“.

Во 14 општини од северот на Црна Гора е поголем бројот на отселени од доселени лица. Од „Еуромост“ предупредуваат на дефицитот на работна сила што ќе се јави во наредниот период, затоа што ќе заминат производствениот кадар, возачи, градежници и медицинари. Покрај работници со искуство, родното место го напуштаат и младите кои извршувале разни работи за плата од 250 евра, и тоа најчесто биле ангажирани на „црно“.

– Бијело Поље како најголема општина на ова подрачје води на листата на иселување. Лани, за првпат по шест децении, има негативен природен прираст. Затоа, не гледаме цел за изградба на нови училишта, затоа што ќе нема доволно деца – заклучуваат од „Еуромост“.

Пред две децении Никшиќ беше главен економски и културен центар во Црна Гора, во која работеа многу индустриски капацитети. Жителите од овој град од некогашната благосостојба, сега тонат во депресија и сиромаштија. Неделава, со помош на невладини организации, е отворена народна кујна во која редовна храна ќе добиваат 127 лица.

Речиси 4.000 жители на Никшиќ се во категоријата на лица кои имаат социјални потреби. Повеќе од 20 отсто од граѓаните се пензионери. Од 15.000 пензионери, околу две илјади имаат пензија од стотина евра.