Специјалното обвинителство на Албанија (СПЕК) вчера ја започна најавената масовна антикорупциска акција заедно со припадниците на специјалната полициска единица за брзи интервенции. Во Лушње тие приведоа шест лица, меѓу кои и градоначалникот Фатос Туше.
Туше е под сомнение за злоупотреба на тендери, а по три лица сѐ уште се трага. Сите приведени се дел од општинската администрација, повеќето од секторот за катастар.
Првиот човек на СПЕК, Арбен Краја, ја најави големата антикорупциска операција, во која ќе се апсат службеници за проневера на јавните фондови во многу општини во Албанија.
Градоначалникот Туше на оваа функција е од 2011 година. Просториите на општините се под контрола на полицијата, а ќе биде извршен и претрес во домовите на приведените.