Црна Гора

Владата на Црна Гора предложи закон според кој сите верски објекти што биле имот на државата пред 1918 г., а кои подоцна не преминале во сопственост на некоја верска заедница да бидат сметани за државен имот

Српската православна црква е подготвена да го брани имотот откако Владата на Црна Гора го усвои нацрт-законот со кој целиот црковен имот преминува во државна сопственост. Според пишувањето на „Вечерњи новости“, епископот будимљанско-никшички Јоанакиј испратил порака во која се предупредува на верскиот судир, кој може да се случи поради одземање на имотот на црквата.

Оваа порака тој ја испрати спроти одржувањето на големиот собир на 15 јуни во соборниот храм на Христовото воскреснување во Подгорица, и како што вели тој, имотите ќе ги бранат со живот.

Последните настани ја отсликуваат состојбата што владее во Митрополијата црногорска-приморска и нејзините епархии, по усвојување на Законот за слобода на вероисповедта и правната положба на верските заедници од страна на црногорската влада. Во текстот од пораката од епископот Јоанакиј се наведува и дека со предложениот закон е помината црвената линија, затоа што со него целиот црковен имот до 1918 година се пренесува во сопственост на државата, што се случува по осум века од траењето на автокефалноста на Српската православна црква.

– Во знак на протест, црквите и манастирите на 15 јуни ќе бидат затворени, а за наредните чекори ќе одлучиме по изјаснувањето на митрополитот Амфилохије. Обезбедувањето на црковниот имот ќе биде засилено, особено за манастирите во Цетиње и во Острог. Ќе бидат организирани целодневни стражи – изјавија од митрополијата во Цетиње за весникот „Новости“.

Предложеното законско решение е поригидно од тоа од 2015 година, сметаат многу верски аналитичари. Од кабинетот на премиерот на Црна Гора објаснуваат дека сите верски објекти, кои биле имот на државата Црна Гора пред да ја изгуби нејзината независност и кога беше припоена кон Кралството на СХС во 1918 г., а кои подоцна не преминале во сопственост на некоја верска заедница – ќе бидат сметани за државен имот.

Минатата недела претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, на локалниот собир на партијата ДПС, испрати порака за канонско обновување на Црногорската православна црква.

Црковниот имот во Црна Гора има свој титулар, а тоа е Митрополијата црногорска-приморска, која до Втората светска војна имала сопственост на речиси третина од територијата на Црна Гора, пишува во текстот на „Новости“. Наводно, сите села околу манастирот „Острог“ биле на црковно земјиште, а населените од други места плаќале црковна такса.

Високи претставници на правниот совет од Митрополијата црногорска-приморска најавуваат дека ќе дадт правен и општествен отпор, доколку овој закон биде усвоен од Собранието на Црна Гора, пренесува Б92.