Претставниците на малцинските партии во Црна Гора побараа укинување на казните за истакнување на националните симболи и за тоа предложија измена на Законот за јавен ред и мир. Пратениците на албанската коалиција, Бошњачката партија и Хрватската граѓанска иницијатива доставија до црногорскиот парламент предлог со кој се бара бришење на одредбата со која физичките лица ќе се казнат од 100 до 500 евра за истакнување знамиња, симболи или грб на туѓа држава. Малцинските партии се одлучија на овој чекор по двата случаја, прво беше казнет еден турист затоа што носел албанско знаме во Будва, а потоа граѓанин од Улцињ морал да даде изјава во полиција поради истакнување симбол на Денот на знамето, кој Албанците го слават како национален празник.

Албански државјани лани биле казнети со 230 евра, затоа што со албанско знаме ги провоцирале туристите и жителите на Будва. Тие на враќање од фудбалското првенство во Франција поминале низ Будва со автомобил на кој било поставено албанско знаме. Направиле неколку круга низ центарот на градот и свиреле на автомобилската сирена и ги провоцирале минувачите.

Собранието на Црна Гора не ги прифати измените за Законот за јавен ред и мир што беа ставени на гласање во декември минатата година. Во тогашните предлози за измена на законот се бараше и укинување на казните за истакнување национални симболи и воведување парични казни за изнесување „невистинити податоци за историјата на Црна Гора“.