Министерството за надворешни работи на Србија од надлежните органи на Малта побара одржување средба за да се добијат појасни информации за прописите со кои се регулира престојот на странските работници во оваа земја. До министерството за надворешни работи на Србија пристигнале повеќе жалби од граѓани што работат и престојуваат во Малта, поради третманот кон семејствата што не остваруваат доволно приходи, пренесе „Танјуг“.

– Дваесет и две деца, со потекло од земјите надвор од Европската Унија, а меѓу нив се најмногу деца од Србија, немаат право на престој на Малта, затоа што нивните родители не заработуваат доволно – објави весникот „Тајмс Малта“.
Семејствата што потекнуваат од другите држави мораат да заработуваат најмалку 19.000 евра годишно, плус 3.800 евра за секое дете. Во овој износ не влегуваат бонусите или надоместокот за прекувремена работа.

Маја Браун, од Заедницата на Србите, во изјава за „Политика“, вели дека кај властите во Малта не постои волја да се реши овој проблем.
– Оваа политика е дискриминаторска. Зошто надлежната агенција не сака да ги разгледа и другите извори на приходи како и заштедите? – изјави Браун.
Од српското МНР испратиле молба до малтешките органи да ја разгледаат можноста за одложување на одлуката за враќање на децата во Србија, додека не се завршат сите конзуларни консултации за решавање на проблемот.