Фото: Архива

Годинава се предвидува пораст на националниот БДП и за земјите од регионот, што е условено од поврзаноста со поголемите економии, кои побрзо заздравуваат поради силната финансиска поддршка на компаниите за време на пандемијата

Малите и отворени економии, како што се земјите од регионот, ќе го почувствуваат поволниот бран што се забележува кај поголемите играчи на светскиот пазар. Годинава светската економија ќе порасне за шест отсто, како последица на растот на американската економија. Ова е повеќе од 0,5 отсто од претходните прогнози во јануари, соопштија од Меѓународниот монетарен фонд за новите и ревидирани прогнози за 2021 година. Од ММФ го коригираа и растот за 0,2 отсто на светскиот бруто-домашен производ за 2022 година, кој ќе изнесува 4,4 отсто. САД годинава ќе постигнат раст на економијата од 6,4 отсто (3,5 отсто за 2022). Заздравување на економијата ќе има и во Европската Унија, која годинава ќе забележи раст од 4,4 проценти. Според анализата на ММФ, Европа ќе ги почувствува придобивките од американското исполнување на планот за пребродување на пандемијата. Прогнозите за кинеската економија се годишен раст од 8,4 отсто. Сепак, разликите меѓу еврозоната и САД ќе бидат поголеми, што се должи на побрзото излегување од пандемијата, благодарение на поголемиот број вакцинирани лица, но и на новиот пакет на помош за американската економија што го усвои администрацијата на претседателот Џозеф Бајден. Финансиската инјекција за компаниите изнесува 1.900 милијарди долари
Пораст на националниот БДП се предвидува и за земјите од регионот. Процените на ММФ се дека годинава Црна Гора би остварила раст од девет отсто, Србија и Албанија пет отсто, Хрватска 4,7 отсто, Косово би имало пораст од 4,5 отсто, Македонија 3,8 отсто и Босна и Херцеговина 3,5 отсто. Меѓутоа, економските експерти предупредуваат дека брзото враќање на националните економии на нивото пред пандемијата не може да се случи „по природен пат“, а тоа ќе зависи од политиките што се преземаат од владите во секоја земја поединечно. За пример, додека кинеската економија веќе во 2020 година го достигна своето ниво што го имаше пред пандемијата, економијата на САД треба да се врати на старите позиции оваа година. Еврозоната и Велика Британија годинава ќе бидат под нивото на кое беа кон крајот на 2019 година, а така ќе биде до 2022 година, оценува ММФ.

Слични видувања има и економскиот експерт Анто Домазет, редовен професор на Катедрата за маркетинг на Економскиот факултет во Сараево. Тој во својата анализа објавена на Ал џезира посочува на „распространетата заблуда дека заздравување и продолжување на економскиот раст во Босна и Херцеговина ќе се случат сами по себе откако ќе биде совладана пандемијата“! Според него, наметнувањето на таквата заблуда е најдобар начин за избегнување на одговорноста за анемичната состојба во економијата и отсуство на потребните реформи.
Во 2020 година во БиХ се предвидува пад од 5,2 отсто и губење на околу 35 илјади работни места. Во структурата на БДП, падот се забележува кај личната потрошувачка, инвестициите и извозот, а единствено расте јавната потрошувачка.
– Во БиХ се предвидува раст до 3,5 отсто, што е стапка на раст сам од себе, без некакви посебни реформи и мерки за потикнување на економијата. Растот се темели на буџетската потрошувачка и извозот. Раст од 6 до 7 отсто годишно е потребен за БиХ да излезе од земјите со среден приход во наредните 12-14 години. Затоа се неопходни длабоки реформи, за кои не постои политичка подготвеност. Во блиска иднина ќе се соочуваме со растечки број на изгубени работни места и на затворање фирми, или ќе имаме раст на сиромаштијата. Во целина гледано, заздравувањето и растот на БиХ ќе бидат скромни во постојните политички блокади во земјата, останувањето во годишниот раст од два до три отсто значи да се остане во „депресија“, што ги отвора многубројните прашања на социјална одржливост на општеството – вели Домазет.

Македонскиот премиер Зоран Заев вчера најави продолжување на подршката за домашните компании што се погодени од ковид-кризата.
– Ако не беа мерките што ги донесе Владата, падот на домашниот бруто-производ минатата година ќе изнесуваше минус 8,7 отсто, а не минус 4,5 отсто – рече премиерот Зоран Заев, кој даде оцена за ефектите од четирите пакети за финансиска помош за граѓаните и домашната економија.
Вкупниот износ на државната помош изнесува 860 милиони евра, односно степенот на реализација е 82 отсто во однос на она што беше планирано.
Премиерот Заев нагласи дека показателите во економијата во почетокот на годинава се охрабрувачки, како полнењето на буџетот, растот на извозот, кредитирањето, растот на просечната плата итн. Тој очекува дека домашната економија ќе се врати на патеката на економски раст во 2021 година и ќе ги надмине шоковите предизвикани од влијанието на пандемијата врз економијата.
Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, предупреди на опасноста од големите разлики меѓу економиите, односно развиените земји бележат кумулативни загуби на приходите по жител од 13 отсто, а во земјите во развој таа загуба е околу 22 отсто.
Најновите показатели на ОН се дека 72 земји ќе имаат тешкотии да ги вратат долговите од 598 милијарди долари, кои стигнуваат за наплата до 2025 година. Поради тие причини, Георгиева порачува развиените земји и земјите во развој да пронајдат „нова синергија“ за финансиска соработка во оваа криза, особено таму каде што нема доволно средства за фискални и монетарни стимулации за економијата и граѓаните, ни доволно средства за набавување на вакцините, што е предуслов за брзо излегување од ковид-кризата, пренесува „Политика“.