Продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој беше обновен во Берлин, ќе се случи во септември во Париз, изјави Александар Вучиќ, претседателот на Србија по средбата со францускиот колега Емануел Макрон.

– Претседателот на Франција ја разбира тежината на проблемот. Работите не може да се решаваат така што никој од двете страни нема да отстапи. Побарав поддршка и разбирање за наоѓање прифатливо решение. Компромисот не е слабост, туку сила и секогаш ќе се залагам за компромис. Ако можеме ќе одиме во таа насока, ако не генерациите по нас ќе мора да го сторат тоа – изјави Вучиќ.

Коментарот на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во врска со посетата на Макрон на Белград, беше дека таа нема да влијае на односите на Париз и Приштина. Франција ја призна косовската независност во рамките на сегашните граници.

Харадинај го повтори ставот дека услов за укинување на царинските такси за увоз на производи од Србија е претходно признавање на косовската независност.

Србија и Франција во текот на дводневната посета на Емануел Макрон потпишаа 25 договори за соработка во повеќе области. Пет од нив се однесуваат за градот Белград и за инвестициите што ќе бидат реализирани во наредниот период. Предвидено е Франција, заедно со кинески компании, да го гради метрото во Белград, чија изградба е проценета на 4,3 милијарди евра. Почетокот на работите е предвиден од 2020 година.