Србија

Во рамките на шестата Активна српско-македонска културна недела (СРМА) во Сомбор, Србија, се одржа Македонска образовна недела во Западнобачкиот Округ за македонската историја, јазик, книжевност и музика.
Организатор на македонската образовна недела беше здружението на Македонците од Западнобачкиот Округ ПЕЛА, а беше финансиски поддржана како проект од страна на српското министерство за човекови и малцински права.
За време на тридневната образовна недела, Македонците и Србите од Сомбор и овој регион во Србија имаа можност да се запознаат со македонската историја, книжевност, музика преку предавањата на македонски и српски предавачи и професори, меѓу кои и проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет во Нови Сад, поранешниот претседател на Сојузот на писателите на Србија, Радомир Андриќ, македонскиот новинар и историчар Оливер Бранковиќ, музикологот м-р Мирјана Соколова Ѓокиќ, писателот Виктор Шеќеровски и други.
Беа емитувани и документарно-играни филмови од македонската историја, поставена беше изложба на вињети и карикатури на познати српски и македонски личности, беа промовирани збирките песни на писателот Виктор Шеќеровски и Душица Илин, академик Рајко Игиќ од Сомбор, а присутните можеа да слушаат македонска етномузика и да се запознаат со големината на делото на Крсте Петков Мисирков.