Слично како и Балканот и Македонија ја очекува седмица со тропски горештини, а времето ќе биде сончево и многу топло. Утринските температури ќе се движат од 15 до 26 степени, а дневните ќе достигнат до 30 односно до 40 степени со висок УВ-индекс 10. Ова, меѓу другото, се наведува во објавата на веб-страницата на Управата за хидрометеоролошки работи, каде што во делот за предупредувања од актуелни нестабилни временски состојби пишува дека од утре температурите насекаде низ земјата ќе бидат над 30 степени, а во следните денови температурата ќе се искачува и над 35 степени. Според УХМР, во некои делови од земјата до крајот на неделата се очекуваат и зголемување на топлината и температури и до 40 степени. За граѓаните од целата држава, според последните препораки, се апелира да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на приготвување на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.