Маж на возраст од 62 години е задржан во болницата во Солун под сомнение дека е заразен со коронавирус. Ова е ваков случај во овој град и надлежните презедоа итна акција.

Според грчките медиуми, човекот неодамна патувал во Кина, а според првичните информации, тој ги има симптомите на опасниот вирус кој веќе однесе 170 животи.

Од болницата соопштиле дека пациентот, кој е грчки државјанин, неодамна се вратил од кинескиот град Вухан, кој важи за епицентар на оваа епидемија, пренесува српски „Телеграф“.

Резултатите од тестовите ќе бидат објавени утре.

Во Кина, пак, денеска беше објавено дека повеќе пациенти заразени со новиот коронавирус се опоравиле и ги напуштиле болниците.

Четворица пациенти заразени со вирусот во источната кинеска провинција Џангси се опоравиле и денеска биле пуштени од болница, а претходно беше соопштено и за три други вакви случаи.

Џанг Веи, експерт од покраинскиот одбор за итни случаи и превенција и контрола на епидемијата, рече дека врз основа на анализите на излечените пациенти, раното откривање и навременото лекување се клучни за закрепнување.