Британскиот премиер именува специјален претставник за Западен Балкан

Сер Стјуарт Пич е именуван од британскиот премиер Борис Џонсон за специјален пратеник за Западен Балкан. Пич е висок воен офицер и поранешен началник на Генералштабот на вооружените сили, соопшти Владата на Обединетото Кралство.
– Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската сигурност. Западен Балкан ја доживува најголемата закана по својата безбедност во повеќе од две децении. Имаме одговорност да направиме сè што е во наша моќ да го зачуваме она што е постигнато со мир и дијалог. Не можеме да дозволиме да се вратат насилството и поделбите од минатото. Искуството на сер Стјуарт Пич е опсежно и стручно и со тоа ќе се зајакнат меѓународните напори за заштита на мирот и напредокот во евроатлантската интеграција во овој клучен регион – рече британскиот премиер Џонсон.
Пич е маршал на британските воздухопловни сили, а на почетокот на оваа година го заврши својот мандат како претседател на Воениот комитет на НАТО. Лондон досега немаше специјален пратеник за Западен Балкан.