Колку се издржани барањата во време на епидемија за остварување „културни и верски прописи“?

Со одминувањето на времето, етничките разлики и поделеност почнаа да се манифестираат во истиот наратив како и пред појавата на заразата. Повторно од одредени табори може да се слушнат забелешки со кои се обидуваат епидемијата да се искористи за остварување на етничките цели. Тоа што особено загрижува е што одредени верски лидери од ИВЗ во Србија и во Македонија се обидуваат корона-кризата да ја искористат за остварување прашања што помалку имаат врска со заштитата на здравјето на своите „следбеници“, а многу повеќе се поврзани со остварување верски и политички, а можеби и финансиски мотивирани цели

Средбата на градоначалниците на Северна и Јужна Митровица, Горан Ракиќ и Агим Бахтири, која се одржа на мостот на Ибар, кој ги спојува српскиот и албанскиот дел на градот, беше симболичен чин за да им се испрати порака на заедништво на припадниците од различни етнички заедници во справувањето со епидемијата. Ова е една од убавите вести во периодот на коронавирусот, кога меѓунационалните недоразбирања на Балканот беа ставени во втор план. Сепак, со одминувањето на времето, етничките разлики и поделеност повремено почнаа да се манифестираат во истиот наратив како и пред појавата на заразата.

Повторно од одредени табори може да се слушнат забелешки со кои се обидуваат епидемијата да се искористи за остварување на етничките цели. Главно, реакциите се однесуваат на тоа дека мнозинска заедница недоволно води грижа за заштита на здравјето и егзистенцијата на припадниците на малцинствата во земјите од Западен Балкан. Тоа што особено загрижува е што одредени верски лидери од ИВЗ во Србија и во Македонија се обидуваат корона-кризата да ја искористат за остварување на своите цели, кои помалку имаат врска со заштитата на здравјето на своите „следбеници“, а многу повеќе се поврзани со остварување верски и политички, а можеби и финансиски мотивирани цели.
Во текот на примената на посебните мерки од хрватската влада, ромските лидери во Хрватска се пожалија дека барањата за одобрување помош во храна и хигиенски средства за жителите во ромските населби се препраќаат од една до друга државна институција.

– Засега немаме никакви информации за заболените меѓу ромската популација во Хрватска, но тоа не значи дека болеста нема да се појави во некоја ромска населба. Досега немаме добиено одговор на нашето барање за интервентна помош за најкритичната категорија граѓани. Нема ниедна мерка за нив, особено за луѓето што собираат пластични шишиња и секундарна суровина – вели Вељко Кајтази, пратеник од ромската заедница.
Проблем претставуваат и ограничените мерки за движење на населението, што оневозможува работниците Роми, кои се ангажираат како сезонски работници во земјоделството, да преминуваат од една во друга општина, со што директно е загрозена нивната егзистенција. Поради непоседување услови за следење на интернет, околу 80 отсто од децата од ромската популација не можат да го следат образовниот процес, кој во Хрватска се одвива онлајн.

– Луѓето се дома, ништо не работат. Недостига храна. Некои се веќе гладни, си помагаме меѓу себе колку можеме – изјави еден жител во Меѓумурје, жупанија во која ромската заедница има околу 10.000 лица.
Во Србија, која се соочува со најризичната фаза од ширењето на вирусот, повторно дојдоа до израз верско-политичките разлики меѓу различните етнички заедници. Некои од водачите на припадниците на Бошњаците, во напливот на грижа за здравјето на своите сограѓани, побараа во импровизираната болница на Белградскиот саем да се обезбеди соодветна исхрана без свинско месо, а за припадничките од муслиманската вероисповед да се обезбедат и посебни простории за изолација, кои би биле во согласност со „нивните културни и верски прописи“.

Пратеникот од Партијата за правда и помирување, Муамер Зукорлиќ, побара од надлежните во т.н. ковид-болници да се служат халал-оброци, како и да се обезбеди простор за молитва. Зукорлиќ е поранешен главен муфтија на исламската верска заедница во Србија, кој на изборите во 2016 година се откажа од верската практика и беше избран за пратеник во српското собрание, објави Радио Слободна Европа.
Длабоките етнички поделби во Босна и Херцеговина меѓу федералната власт и ентитетите и кантоните продолжија и во време на епидемијата. Во време кога против заразата еднакво се борат сите граѓани, Владата на Федерацијата БиХ продолжува да води дискриминаторска политика во делењето на помошта. Од десет милиони евра наменети за загрозените подрачја, за регионите со српско население се планирани симболични износи или не се предвидени никакви средства, пишува во текстот на „Политика“.
Незадоволство од распределените средства искажаа и одделни челници од локалните заедници со мнозинско бошњачко население, што беше и причина премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ, да ја повлече спорната одлука и сумата да ја пренасочи за потребите на Федералното министерство за здравство.

Од општините со мнозинско српско население не се изненадени од одлуката на федералната влада, бидејќи, како што велат, тие се навикнати на „дискриминаторскиот однос кон нив“
Од неразбирливи причини и објаснувања, реисот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи побара од Владата на Македонија „на ИВЗ да ѝ го даде делот од помошта што ѝ следува“. Реџепи во изјава за „Газета лајм“ предупреди на можноста за повлекување на апелите на ИВЗ да не се посетуваат верските објекти во врска со епидемијата. Притоа реисот се закани дека „ситуацијата ќе излезе од контрола и овде ќе стане Бангладеш“!.

Тој вели дека испратиле порака до вицепремиерот Бујар Османи, како координатор на кризните штабови, ИВЗ да го добие својот дел од помошта, но досега немаат никаков одговор.