Косовскиот вицепремиер Фатмир Лимај, кого премиерот Рамуш Харадинај го именуваше за предводник на владиниот тим за преговори со Србија, изјави дека е подготвен водењето на овие преговори да и го препушти на опозицијата.

Лимај во интервју за весникот „Зери“ изјави дека до сега преговорите ги водела институцијата претседател на државата, додека со изгласувањето на владиниот преговарачки тим од страна на Собранието, Косово ќе има „јасна адреса за овој процес“.

Поради тоа, тој ги повика опозициските партии да се обединат околу тоа прашање, кое, според него, е исклучително значајно за иднината на Косово.

Лимај нагласи дека е против промената на границите на Косово, додека за Заедницата на општини со мнозинско српско население рече дека „нема да прифати една Република Српска внатре во Косово“, затоа што тоа би значело растурање на државата.

Во врска со трансформацијата на Косовските сили за безбедност (ФСК) во војска на Косово, вицепремиерот најави дека „наскоро ќе има добри вести“.