Војната меѓу которските кланови трае од 2014 година, кога исчезнаа неколку стотини килограми кокаин во Валенсија, а досега во меѓусебните ликвидации животот го загубиле над 40 лица. Во последната пресметка на црногорските криминални кланови беа убиени две лица во центарот на Атина, кои претходните години беа посочувани како високорангирани членови на т.н. Шкаљарски клан. За разлика од претходните убиства, кои имаат печат на мафијашка пресметка, овој пат ликвидацијата, која беше извршена пред десетина дена, беше спроведена пред членовите на семејствата на жртвите. Ривалството меѓу припадниците на Шкаљарскиот клан и Кавачкиот клан се пренесува и на белградските улици, а црните хроники во српските медиуми се полнат со вести за убиства од заседи и за поставување експлозивни направи под автомобили.

Белградскиот криминолог Златко Николиќ за Радио Слободна Европа ја пренесува својата оцена дека станува збор за исто клише, а бранот на насилство и пресметки станал законитост, без разлика дали мотивите се одмазда, пари или превласт на криминалната сцена.

– Сите досегашни ликвидации меѓу црногорските државјани, било да се во Црна Гора или надвор, покажуваат дека по секој бран на убиство што ќе го направи едната страна, подоцна возвраќа другата страна. Во паузата од месец-два се прават процени на новите цели и силите со кои располагаат за да се изврши евентуалната одмазда. Кај црногорските криминалци во пресметките преовладува одмаздата, не е крвна, и таа се одвива според системот „око за око, заб за заб“ – вели Николиќ.

Според податоците од „Црна книга“ и информациите на РСЕ и агенцијата „Крик“, од 2012 година во убиствата што имале мафијашки предзнак настрадале 157 лица, од нив само 13 случаи добиле судска разврска.