Фото: Маја Јаневска-Илиева

Балканските лидери имаат различни очекувања за процесот за проширување на Европската Унија, по завршувањето на словенечкиот самит за Западен Балкан. Усвојувањето на декларацијата во која беше „потврдена посветеноста кон проширувањето“, но со додавањето на обврзувачката одредба за „спроведување уверливи реформи“, предизвика различни коментари кај претседателите и премиерите од регионот. Најголем сомнеж за очекувањата на „европската“ иднина на Балканот искажа албанскиот премиер Еди Рама, кој во интервју за австрискиот весник „Куриер“ рече дека „ЕУ самата се држи како заложник на Балканот“.
– Лично сум скептичен за прашањето за проширување и за сериозноста на европските ветувања. Мислам дека тоа не се искрено ветување – изјави Рама по завршувањето на самитот во Словенија.
Албанскиот премиер и на претходните регионални собири за Западен Балкан настапуваше отворено и со критики кон политиката на Брисел. Тој директно му се обрати и на бугарскиот претседател Румен Радев да се однесува „балкански“ и да го откочи процесот за проширување, што настана по блокадата на Бугарија за почеток на пристапните преговори за Македонија.
Жељко Комшиќ, претседавач со Претседателството на БиХ, посочи на фактот дека на самитот постоела можноста проширувањето кон Западен Балкан да биде исклучена од завршната декларација, за на крајот тој да изрази „благ оптимизам“ од натамошниот процес за интеграција на регионот. Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изрази лично верување за „скора перспектива за членство за Црна Гора и за сите земји од регионот“!
Српскиот претседател Александар Вучиќ во своите претходни настапи предупредуваше на постојаното поставување нови услови од Брисел за земјите од регионот.
– Немам сомневања за решавањето на проблемот меѓу Белград и Приштина, но Србија додека е на европскиот пат мора да води сметка за своите односи со Русија и со Кина. Никој нема право да ни забележува што сакаме да живееме и да преживееме – изјави Вучиќ по ЕУ самитот во Словенија.
Македонскиот премиер Зоран Заев го искажа својот оптимизам дека може да се изнајде решение со Бугарија до крајот на декември затоа што, како што нагласи, тоа е можно, бидејќи различностите не ни се толку големи и имаме должност да отвораме иднина, а не да бидеме заглавени во минатото.
– Никогаш не сум ги видел вака настојчиви канцеларката Меркел и францускиот претседателот Макрон, да бидат прецизни, да бидат јасни, разговарајќи и со мене и со претседателот Радев, заради следниот исчекор во овој правец – рече Заев.
Декларацијата од Брдо, потенцира Заев, е прецизна, зборува за проширувањето во сите детали, а така прецизна била во 2003 година на Солунскиот самит.