На две одвоени заеднички средби на лидерите од Западен Балкан ќе им биде сервирана истата приказна за „европската иднина на регионот“

Лидерите на Западен Балкан во период од два дена ќе имаат можност да се дружат со високите европски претставници на кои повторно ќе можат да ги слушнат познатите зборови за охрабрување и истрајност кон европскиот пат! Вчера домаќин на заедничкото лидерско дружење во Брдо кај Крањ беше словенечкиот претседател Борут Пахор, кој се обиде да најде „свежи идеи“ за одблокирање на процесот за интегрирање на Западен Балкан кон Европската Унија, кој една година стои како „незадолжителна“ тема за европската администрација. Заедничка балканска средба со истата содржина најави и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел. Атмосферата на свечената вечера во Брисел, според аналитичарите, се очекува да биде „опуштена но работна“, на која покрај вообичаеното мени ќе им бидат сервирани и видувањата на Борел за излез „од фрустрациите на Балканот“, што се јавија поради непроменливиот однос на ЕУ кон процесот на проширување.
Процесот „Брдо-Бриони“ беше инициран од Хрватска и од Словенија во 2013 година за да се стабилизира состојбата во европскиот југоисток преку регионална соработка и решавање отворени прашања и да се создадат предуслови за проширување на Европската Унија.
– Ние го гледаме Западен Балкан како целина, и не само како одделни држави. Има одредено доцнење во заложбата за проширување на Европската Унија, како на страната на ЕУ така и на Западен Балкан. Мојата задача е да пронајдеме свежи идеи заедно – рече Борут Пахор, претседателот на Словенија, кој е домаќин на состанокот со лидерите од земјите на Западен Балкан.

Загреб и Љубљана се тука за да им помогнат на пријателите од Западен Балкан да влезат во Европската Унија, бидејќи тоа е во интерес на сите, како и претпоставката дека и Словенија е заинтересирана за влез на Хрватска во шенген-зоната, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека вовел амандман на предложените заклучоци од самитот „Брдо-Бриони“ – дека Србија е против промена на границите, во согласност со Повелбата на ООН и одлуките на органите на ООН.
Претседателот Стево Пендаровски, вчера во рамките на учеството на самитот, во Брдо кај Крањ, оствари одделни средби со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, и со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ. На средбата со претседателот Пахор, претседателот Пендаровски истакна дека земјава силно ги вреднува одлучноста и поддршката од Словенија кон политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, како и најавата дека тоа ќе биде меѓу врвните приоритети во агендата на претседавањето на Република Словенија со Советот на Европската Унија во втората половина на 2021 година.
Претседателот Пендаровски посочи дека Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговарачкиот процес и таа останува посветена на исполнување на надворешнополитичката цел, односно полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи забрзано спроведување на реформите во земјата.
Лидерите од Балканот денеска повторно ќе се најдат на заедничка маса во Брисел, на традиционалната вечера што ја организира шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, на која се очекува тој да го потврди неговиот став дека „Западен Балкан е големо геополитичко прашање за ЕУ“.

Една недела пред денешната средба, шефовите на дипломатијата на земјите-членки на ЕУ се заложија за „засилен ангажман на ЕУ на Западен Балкан“. Борел, како што пишува „Дојче веле“, ќе ја искаже загриженоста на Унијата поради сѐ поголемите фрустрации на ЗБ предизвикани од застојот во процесот на проширување. Се очекува, тој на балканските лидери да им ја изложи сопствената визија за враќање на изгубеното влијание во регионот, се наведува во дипломатските европски кругови.
Новата иницијатива на Борел се случува по објавувањето на неколку нонпејпери за нови граници на Балканот. Во нивна сенка беше документот што беше донесен од Европската комисија за „засилениот ангажман и насоките на ЕУ за приближување кон регионот“.
Покрај познатите дипломатски фрази за „иднината на регионот во ЕУ“ или за „важноста на стабилноста и безбедноста на регионот за ЕУ“, во документот што ќе го презентира Борел, ќе стане збор и за „причините за длабокото незадоволство и разочарување кон регионот во европската политика на проширување“, пренесува „Дојче веле“.
Лидерите на ЕУ и Балканот ќе имаат можност да поразговараат за неодлучноста околу отворањето на пристапните преговори со Албанија и со Македонија, бавниот напредок на Србија и на Црна Гора на патот кон ЕУ, но и имплементацијата на клучните приоритети во БиХ и Договорот за стабилизација и придружување на Косово, несигурноста во дијалогот меѓу Белград и Приштина и задоцнетата испорака на вакцините во земјите од регионот.

Како што претходно информираа медиумите, од БиХ се очекува напредок за прашањата од 14 клучни приоритети наведени од Европската комисија, како и подобрување на функционалноста на земјата, тргнувајќи од изборната и уставна реформа. Од Србија и од Црна Гора и натаму се очекува забрзување на реформските процеси, особено во областа на владеењето на правото, но и поголем политички ангажман во консолидацијата на геополитичката ориентација, што во голем дел се однесува на Србија.
За Албанија и за Македонија останува истата порака: нема раздвојување на пристапните преговори, кои мораат да почнат што е можно порано! Косово и Србија се повикуваат да го „искористат моментот, на силните политички мандати на раководствата на двете страни за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу двете земји“, пренесува „Дојче веле“.