Законот за работа дозволува максимално 180 прекувремени часови годишно, а лекарите во Хрватска лани одработиле три милиони прекувремени часови

Под мотото „Сакам да работам законски“, Лекарската комора и лекарскиот синдикат во Хрватска од први декември почнуваат да собираат потписи од лекарите за повлекување на согласноста за работа повеќе од 48 часа неделно. Потписите ќе се собираат во наредните 60 дена, а потоа ќе се активира петицијата, доколку Владата на Република Хрватска не предложи Закон за плати за лекарите или не овозможи донесување струков колективен договор. Во случај да се спроведе намерата на лекарите, тоа ќе предизвика големи проблеми во редовната работа на болниците, затоа што некои од лекарите повеќе нема да работат прекувремено, пишува „Вечерњи лист“.

Лекарите во Хрватска лани одработиле три милиони прекувремени часови. Со дополнителната работа на медицинските лица се одржува хрватскиот здравствен систем во функција. Но дополнителен проблем за нив, покрај неплатениот труд, претставува и тоа што тие се изложени и на судска постапка за неизвршување на работните обврски. Законот за работа дозволува максимално 180 прекувремени часови годишно, а сѐ над ова е противзаконска работа и многу лекари се соочиле со судот поради одбивање да работат дополнително. Покрај ова, медицинскиот персонал не е ни правилно платен и затоа лекарите во Хрватска лани поднеле околу 4.000 тужби за неисплата на прекувремените часови.

– Во текот на преговорите за гранскиот колективен договор синдикатите барале одредбата за прекувремени часови да им се припише од колективниот договор за државна служба, но владиниот преговарачки тим бил на ставот оваа ставка да не се менува, бидејќи е предмет на Врховниот суд. Судиите сметаат дека нема потреба да се менува таа одредба, а да била важна, таа би била ставена во гранскиот колективен договор – вели Рената Чулиновиќ Чајиќ, претседателка на Лекарскиот синдикат.

Здравствениот систем во Хрватска се соочува со кадровска, финансиска, инфраструктурна и организациска криза, со тенденција таа да се продлабочува. Надлежните институции молчат, а хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ со месеци го игнорира барањето за средба со претставници на Лекарската комора.

Работата во болниците ја носат специјализантите, кои не би смееле да работат без надзор на специјалистите, кои ги нема во доволен број. На Хрватска ѝ недостигаат 2.000 лекари, а исто толку во период од пет години ќе заминат во пензија. Од влегувањето во Европската Унија од земјата се иселиле 850 лекари, што значи дека шест болници останале без лекари. Годинава на печалба заминале 60 млади лекари без ден работен стаж. Некои од болниците останаа без одделни специјалистички оддели, се посочува во текстот на „Вечерњи лист“.