Туристичките места на Црно Море ги губат домашните туристи

Договорите за концесија не ја ограничуваат максималната цена за изнајмување чадор за сонце и лежалки на плажите во Бугарија

Факсимил од фискална сметка за платени 70 лева (околу 35 евра) за изнајмување чадор за сонце и лежалки на една од плажите во Черноморец предизвика лавина реакции на социјалните мрежи во Бугарија. Оваа вест беше повод за домашните медиуми да пишуваат за високите цени за летување во туристичките места на црноморскиот брег, каде што цените за сместување се движат од 40 до 50 лева.

Медиумите во Бугарија ја пренесуваат и изјавата на еден концесионер, кој смета дека цената за изнајмување на лежалките е ниска. Според него, цената за сенка, која изнесува 40 лева, се однесува за мал дел од плажата, додека на другите места е поевтино. Во другите места на бугарското приморје цените се пониски. Во Созопол лежалките можат да се изнајмат за 12 лева, во Бургас место под чадор чини пет лева и дополнителни седум лева за лежалка. Цените се повисоки на трите плажи во Сончев Брег, каде што се наплаќа 10 лева за чадор и уште толку за лежалка.

Василка Цанева, раководителка на одделот за контрола во Министерството за туризам, во изјава за БТВ рече дека разликата во цените за изнајмување опрема на бугарските плажи се должи на старите договори за концесија во кои нема ограничување на максималната цена за чадор и лежалки.

– Затоа не можеме да ги контролираме цените на овие услуги. Од први јуни годинава контролите се многу строги, забележавме разумна ценовна политика, но сепак пазарот ги одредува цените. Постојат различни плажи – едни се со нови договори, други се со стари – вели Цанева.

Таа нагласи дека 50 отсто од плажите се слободни за посетителите. Претставникот на Министерството за туризам посочи дека има и евтини цени за изнајмување чадор и лежалки, како пример со плажата Бургас-Север, а за оваа услуга се наплаќа 1,20 лев. Таа посочи дека и во Бугарија почна да се воведува практиката да не се наплаќа за чадор и лежалки, но условот е да се консумираат храна и пијалаци од објектот што нуди сенка на плажата.
Според Константин Занев од Институтот за анализи и процени во туризмот, цените за чадор и лежалки на бугарските плажи не се соодветни ако се споредат со оние во Грција.

– Таму се знае што ќе добие туристот за парите. Во Бугарија никогаш не се знае каков квалитет ќе добиете и затоа го губиме домашниот турист – заклучува Занев.
Румен Драганов, претседател на Институтот за развој на туризмот, вели дека годинава има намалување на бројот на гости од некои пазари, но се очекува силна туристичка сезона. Намалувањето се однесува на германскиот и рускиот пазар. Една причина за падот на туристите е недостигот од доволно летови.

Министерството за туризам на Бугарија објави намалување на бројот на туристите од 3,2 отсто на почетокот на туристичката сезона, но податоците од граничната полиција покажаа дека од почетокот на годината до мај во Бугарија влегле 151.000 туристи повеќе од минатата година.