Заболените лица во БиХ го набавуваат маслото од Косово и од Словенија

Босна и Херцеговина е сѐ поблиску до одобрување на одгледување на канабисот во медицински цели, а моментално се чека на одлуката на ресорните ентитетски министерства. По добивањето на согласноста за легализација на производството на марихуана, ќе се најде пред Советот на министрите на БиХ, а на крајот пред Парламентарното собрание. Адмир Чавалиќ, економскиот аналитичар, посочува на позитивните примери од Европа, како што се Холандија и Португалија, кои се во корист на легализацијата на користењето на канабисот во медицински цели, а една од позитивните страни е разбивањето на монополот на мафијата.

– Од друга страна, тоа ќе го поттикне и развојот на медицинскиот туризам, а во БиХ ќе доаѓаат гости за консумирање на супстанцијата, под услов да докажат дека се медицински случаи. Ова ќе придонесе и за намалување на криминалот во земјата, што се должи на забраната за користење на марихуаната, чиј промет би се ставил во легалните текови, а ќе се зголеми и наплатата на данокот и ќе се подобрат стандардот и квалитетот на производот наменет за лекување – вели Чавалиќ за „Независне“.
Според предложениот законски текст, одгледувањето на канабисот треба да му се остави на приватниот сектор, а улогата на државата треба да се појави во форма на агенција што ќе врши надзор и која ќе ја воспостави законската рамка.

Искуството во другите земји, како што е Канада, покажува дека во првата година по легализацијата ќе се формира приватниот сектор, кој ќе забележи висок пораст поради високите маржи. По неколку години, маржите ќе се стабилизираат, одредени приватни компании ќе пропаднат, а ќе останат оние што ќе понудат најдобар квалитет.
Омер Исовиќ, претседателот на здружението „Змаево срце“ од Тузла, вели дека цената на маслото од канабис на црниот пазар достигнува од 400 до 700 евра. Во земјите во кои е легализиран канабисот цената на маслото од ова растение се движи од 30 до 50 евра. Заболените лица во БиХ го набавуваат маслото од Косово и од Словенија.