Партиите што се собрани во Бх.блокот, по завчерашниот долгочасовен состанок, одлучија да не коалицираат со националните партии заради формирање власт на ниво на Босна и Херцеговина, ни на ниво на Федерацијата. Одлуката на Бх.блокот, во кој партиципираат Социјалдемократската партија, Демократскиот фронт и Наша партија, според мислењето на претседателот на НП, Предраг Којовиќ, е историска, затоа што отворено порачаа дека не сакаат да соработуваат во некоја идна власт со националните партии од бошњачката, хрватската и српската заедница, односно со СДА, ХДЗ и СНСД, објави Радио Слободна Европа.

– Историјата некогаш се пишува кога ќе се каже „не“. Ние им кажавме „не“ на националните партии. Сакаме да градиме една нова БиХ, да креираме платформа што ќе биде прифатлива за сите луѓе низ БиХ што не се националисти и кои мислат дека оваа земја може да продолжи да живее и да биде прогресивна единствено доколку е мултиетничка и ако е уредена според европски стандарди – изјави Којовиќ.

Претседателот на СДП, Нермин Никшиќ, го потврди ставот на Бх.блокот, со објаснување дека оваа одлука ја одредува и натамошната судбина на нивната коалиција.

– Ги разгледавме сите аргументи. Ќе направиме сѐ да го одржиме единството во политичкиот блок и во самите партии. Донесовме конечна одлука да бидеме опозиција на федерално и на државно ниво – изјави Никшиќ.

Зад одлуката на Бх.блокот застана и Жељко Комшиќ, лидерот на Демократскиот фронт.

На овој потег се чекаше неколку недели и тоа ќе го одреди идниот курс на БиХ, а не само судбината на партиите во политичкиот блок, оценуваат аналитичарите за РСЕ.

Интелектуалците што гравитираат кон Советот на социјалдемократското движење неодамна во отворено писмо ги предупредија партиите од Бх.блокот дека секое коалицирање со националните партии би значело пропаст на социјалдемократијата.

Тие посочија на „можните катастрофални последици“ со влегување во т.н. патриотски блок, од каде што се сервираат разни облици на вештачки произведените кризи, како што е прашањето за името на Република Српска, барањето внатрешни и надворешни непријатели, како и за хомогенизација и величење на здруженијата со хрватски национален предзнак.

Еден од потписниците на писмото, професорот на Универзитетот во Мостар Славо Кукиќ, вели дека оваа одлука на трите партии е повеќе од позитивна, но посочува дека некои партии тактизирале некое време, што се одрази на нивната доверба кај гласачите.

– Од СДП и ДФ требаше од почетокот да бидат поексплицитни и јасно да кажат дека не сакаат со националисти. Приказната што се провлекуваше за тоа дека имаат одговорност кон граѓаните не поминува, затоа што таквото неодлучно однесување и калкулирање донесе разочарување кај голем дел од избирачкото тело – вели Кукиќ за РСЕ.

Калкулациите што се правеа до последен момент за коалицирање со партии како СДА претставуваа уцена и чиста манипулација, смета аналитичарот Жарко Папиќ.

– Тезата дека ако не се влезе во коалиција се загрозува државата е лажна и измамничка. Тоа би значело да се влезе во коалиција со оние што ја уриваат државата за да ја спасат! БиХ и општеството се уништуваат од националните партии, и тоа социјално, економски, демократски, интелектуално. Државата не може да се спасува во друштво со нив туку како јака и здрава опозиција – нагласува Папиќ.

Аналитичарите се согласни дека платформата што настана по повеќедецениската власт на националните партии е во можност да ја смени политичката парадигма во БиХ, затоа што настана на темелите на лево и граѓански ориентираните коалиции.

Коалицирањето со партиите што досега беа на власт би ги вовело во мрежата на политичка корупција и криминал и со тоа целосно би се изгубила довербата кај граѓаните. Од Бх.блокот најавија дека на наредните избори ќе излезат со заеднички листи и со нови партнери, со што ќе станат сериозен опонент на досегашната владејачка структура во Босна и Херцеговина, пишува Радио Слободна Европа.