Пред посетата на Белград и Приштина

Јас не доаѓам во Белград со ултиматум, вели специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

– Не е тајна дека ЕУ очекува продолжување на дијалогот и дека и за Белград и за Приштина дијалогот е неизбежен на европскиот пат. ЕУ е тука, подготвени сме да донесеме двајца лидери во Брисел и сега се поставува прашањето кога тоа ќе се случи. Сакам да го слушнам одговорот на тоа за време на посетата – рече Лајчак.

Во врска со најавите на медиумите дека тој доаѓа во Белград со таканаречениот „нон-пејпер“ што содржи еден вид ултиматум за српските власти, Лајчак вели дека секогаш се појавувале „шпекулации и големи очекувања“ пред неговото доаѓање.

– ЕУ не работи на принципот на ултиматуми. Тука сме да помогнеме. Целта на дијалогот е да се поддржат и Белград и Приштина и да се приближи европската иднина до целиот регион – вели тој.

На прашањето како ЕУ, како главен посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина, гледа на американското инсистирање на „меѓусебно признавање“, Лајчак рече дека целта на дијалогот е нормализирање на односите и дека Белград и Приштина се страни кои треба да се согласуваат „што е нормализација и што е нормално“.

– Мислам дека одговорот на тоа прашање не е премногу тежок – рече Лајчак.

Тој повтори дека сè уште стои зад проценката дека е можно да се постигне конечен и сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина „во рок од неколку месеци“, но исто така нагласи дека ЕУ нема да биде таа што „ќе одлучи кога ќе биде“ и дека тоа е друга одлука што директно зависи од подготвеноста и желбата на Белград и Приштина.