Српската амбасада во Грција побара објаснување на одлуката според која српски туристи денеска не можеа да влезат во оваа земја.

– Дали оваа одлука важи за државјаните на Србија, бидејќи пред два дена министерот за надворешни работи на Грција му вети на министерот Дачиќ дека границата ќе биде отворена на 15 јуни? – рекол за Танјуг, министерот за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Лајиќ.

Тој додал дека колони возила чекаат на влезот на Грција.

Лајиќ исто така нагласил дека на 19 мај грчкиот премиер Киријакос Мицотакис исто така му ветил на српскиот претседател Александар Вучиќ и дека сега Србија чека одговор и објаснување.

– Што се случило, буквално во два дена да се донесе една ваква одлука? – навел Лајиќ.

Одлуката на грчките власти е објавена во нивниот службен весник и веднаш стапила на сила.

Во српската царинска управа велат дека патниците од преминот Прешево, на границата со Македонија, се враќаат назад за Србија и дека се работи за индивидуални заминувања, кои не се организирани од туристички агенции.