Милош Биковиќ беше прогласен за ерменски платеник во конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан од страна на турскиот вебсајт „Дериндусунче“, кој на Твитер објави фотографија на српскиот актер во воена униформа од снимање на филм.

Фотографијата објавена со описот „српскиот платеник Алекса Ѓуриќ е виден во Ерменија…“, го привлече вниманието на српските корисници на социјалните мрежи кои се обидуваа да објаснат дека станува збор за актерот Биковиќ, а не за учесник во војната.

И самиот Биковиќ беше изненаден од објавата, по што се огласи на Твитер.

– Во паузите на снимањата и претставите, јас така, понекогаш ќе облечам униформа и ќе одам да воспоставам мир, таму каде што е потребно – напиша саркастично Биковиќ.

Тој потоа се обрати до медиумот што ја објавил фотографијата, нагласувајќи дека не знае зошто фотографијата била објавена, опишувајќи го таквиот потег како смешен, но и многу несериозен за една многу сериозна тема. Во меѓувреме, спорната објава со фотографијата беше избришана.

Територијалниот спор помеѓу Ерменија и Азербејџан повторно еруптираше во неделата, преку најсериозните судири во последните неколку години. Деценискиот спор вообичаено е проследен со меѓусебни обвинувања за тоа кој прв отворил оган, но се смета и за информациска војна, бидејќи е тешко да се дојде до потврдени официјални информации. Токму затоа не треба да чуди ниту лажната вест поврзана со Милош Биковиќ.