БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, одбија да присуствуваат на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој се наоѓа во посета на БиХ, и со него вчера се сретна само претставникот на Република Српска, Милорад Додик.
Комшиќ во посебно обраќање образложи дека одлуката ја донеле бидејќи Лавров ја претставува Русија, која не ги почитува државата БиХ и нејзините институции.
– Тоа што немаше државно знаме на состанокот со Додик не е протоколарна грешка, бидејќи тимот што стои зад него е совршено информиран. На ова гледаме како на еден вид омаловажување и негирање на институциите на земјата во која тој престојуваше во официјална посета – рече Комшиќ.
Како втор пример тој ја наведе и изјавата на Лавров со која тој ја поздравува одлуката на собранието на Република Српска за воена неутралност, иако, како што вели Комшиќ, ваква одлука носат само институциите на БиХ.