Посета на рускиот дипломат Лавров на Сараево и на Белград, која се поклопува со одбележувањето на 25-годишнината од Дејтонскиот договор, има посебно меѓународно и регионално политичко значење, особено бидејќи во тек се интензивните дипломатски активности за промена на уредувањето на БиХ и за решавањето на косовското прашање

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, е во дводневна посета на Босна и Херцеговина и на Србија. Шефот на руската дипломатија за време на неговиот престој во БиХ треба да се состане со претставници на Претседателството на БиХ, со министерката за надворешни работи Бисера Турковиќ и треба да одржи посебна средба со претседавачот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, во источно Сараево. Оваа посета на Лавров на Сараево и на Белград, која се поклопува со одбележувањето на 25-годишнината од Дејтонскиот договор, има посебно меѓународно и регионално политичко значење, особено бидејќи во тек се интензивните дипломатски активности за промена на Уставот на БиХ, за што се залагаат припадниците на бошњачката заедница, со поддршка од Западот. Лавров требаше да ја посети Босна и Херцеговина во октомври, но поради задолжителна самоизолација, тој ја одложи својата посета откако стапи во контакт со лице заразено со ковид-19.
Два дена пред пристигнувањето на рускиот дипломат во регионот, српскиот претседател Александар Вучиќ и Милорад Додик остварија билатерална средба на која се дефинираа ставовите во однос на, како што пишуваат домашните медиуми, „најновите притисоци на Република Српска“.

– Има општ напад над Србите. Нападите доаѓаат од Америка и од Европа. На тапет се Србија, српскиот народ, Вучиќ, на удар е и Република Српска. Русија овде нема никакво влијание. Таа има конструктивна улога во овој дел од регионот. Се радувам на средбата со пријателот Лавров – изјави деновиве Додик, пренесе „Кликс“.
Се очекува главна тема на разговорите меѓу руската и српската страна да биде идното уредување на Босна и Херцеговина, од причина што западните земји се залагаат за реформи на Дејтонскиот договор, односно желбата за централизација на уредувањето во БиХ и евентуално укинување на Република Српска. За ова прашање говори и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, за весникот „Новости“, каде што тој го нагласува ставот дека „конструктивниот потенцијал на Дејтон не е исцрпен“.
– Системот на кочници и на рамнотежа што е предвиден во овој документ е да се создадат оптимални услови за развој на земјата, преку гарантирање на широки надлежности на двата ентитета и еднаквост на трите конструктивни народи. Почитувањето на Дејтон е клучот на успехот на стабилизацијата во БиХ. Со обидот за ревизија се оддалечуваме од таа темелна задача – изјави рускиот амбасадор.
Директорот на Центарот за меѓународни односи во Бања Лука, Милош Шолаја, очекува дека на средбата Додик – Лавров ќе биде потврден ставот на Русија дека дејтонската структура на БиХ треба да се зачува.

– Можно е да се стави и акцент на затворањето на канцеларијата на високиот претставник во Бих. Тоа е приоритет на Русија и како членка на Советот за имплементација на мирот, каде што официјална Москва се издвојува со своето мислење – вели Шолаја за „Дојче веле“.
За влијанието на Русија на овој дел од Балканот зборува и Нерзук Чурак, професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Сараево, кој забележува дека на Русија сѐ уште ѝ е во интерес БиХ да се третира како замрзнат конфликт.
– Дејтонскиот мировен договор по 25 години од потпишувањето е помалку историски документ, а повеќе жива материја што клучните светски актери ја приспособуваат на своите геополитички потреби. Доколку Русија толку инсистира на Дејтонскиот договор, таа мора како свој сојузник да го отфрли неговиот најголем опструкционист – вели Чурак.
За посетата на Лавров на БиХ пишува и „Дневни аваз“, за тоа дека изборот на моментот за посета покажува дека Москва нема намера лесно да попушти ниту да му го препушти влијанието на некој друг. Ова е порака до САД и особено до Европската Унија дека Русија останува меѓународен играч во регионот, е заклучокот во освртот на сараевскиот весник.

По БиХ, Лавров денеска во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, кому најверојатно ќе му биде пренесен цврстиот став на Москва дека ќе го поддржи секое решение за Косово зад кое ќе има согласност и од Белград. Во контекст на посетата е и изјавата на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, дадена на 12 декември, во која порачува дека „Европската Унија тешко може самостојно да дејствува во новиот полицентричен светски систем, доколку се залага за враќање на САД во ЕУ“.
– Европејците, за жал, сѐ повеќе даваат сигнали дека не можат да дејствуваат самостојно во новиот светски поредок и сѐ повеќе говорат дека сакаат да се обнови евроатлантската солидарност и САД да се вратат во Европа. Доколку се случи тоа, Европа нема да биде еден од половите на новиот полицентричен систем на меѓународните односи. Со задржувањето на своето влијание со она на Европа, САД ќе се обидат максимално да го намалат бројот на другите актери што сакаат да бидат столб во новиот светски систем – е изјавата на Лавров, која ја пренесе ТАСС.