Лидерот на опозициското Движење Самоопределување (ВВ), Албин Курти смета дека, по спротивставувањата од страна на меѓународната заедница на плановите на косовскиот претседател Хашим Тачи за поделба на Косово и по националистичкиот говор на српскиот претседател Александар Вучиќ во северна Митровица, на Тачи му се потребни инциденти на терен, нови тензии и дестабилизација на ситуацијата.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, ваквите предупредувања Курти ги изнесе на средбата со амбасадорот на Германија во Косово, Кристиан Хелд, со кого разговарал за актуелната политичка состојба во земјата, со акцент на преговорите за постигнување финално решение за споровите меѓу Косово и Србија.

Ставовите на Тачи за „корекција на границите“, што подразбира размена на територии со Србија, Курти ги оцени како исклучително опасни по стабилноста на земјата.

– Ние го сметаме претседателот на Косово, Хашим Тачи за одговорен за насилството што може да уследи – изјавил Курти според соопштението на службата за односи со јавност на ВВ.