Централната изборна комисија на Косово вчера ги објави конечните резултати од парламентарни избори, кои се одржаа на 6 октомври. Претседателката на ЦИК, Валдете Дака, рече дека објавувањето на овие резултати доаѓа по завршувањето на сите процедури на избирачките места и во Центарот за броење.

Според конечните резултати, движењето Самоопределување доби 220.811 гласа или 26,159 отсто, Демократскиот сојуз на Косово 206.458 гласа или 23,458 отсто, Демократската партија на Косово има 178.645 гласа или 21.163 отсто, Алијансата за иднина на Косово – Социјалдемократската партија има 96.883 гласа или 11,477 отсто, Српска листа 57.015 гласа или 6,754 отсто, Иницијатива-АКР-ПД 42.072 гласа или 4,984 отсто.

Лидерот на Самоопределување и иден премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека тарифите од 100 отсто за стока од Србија ќе бидат заменети со реципрочни мерки што Косово ќе ѝ ги воведе на Србија.

– Реципроцитетот е вистински принцип за здрави конструктивни односи. Ќе утврдиме листа на сите елементи што се однесуваат на реципроцитетот со Белград – рече тој.
Тоа значи оти Србија треба да направи нешто на некое друго поле пред Косово да ги укине царините. Курти повтори дека дијалогот со Белград ќе го води тој.