Лидерите на Самоопределување, Албин Курти, и на Демократската лига на Косово, Иса Мустафа, не успеаја да се договорат за коалиција меѓу двете партии.

– Кога ќе имаме конечен договор, ќе го претставиме пред јавноста. Јас ќе бидам во директен контакт со претседателот на ДЛК за да одредиме кога ќе се сретнеме повторно за да постигнеме договор – изјави Курти, по завчерашната средба со Мустафа, која заврши без конкретен договор.

Лидерот на Демократската лига на Косово, Иса Мустафа, изјави дека со Самоопределување не се согласиле за неколку работи и потврди дека постојат разлики помеѓу двете партии.

– Имавме многу содржаен разговор, бидејќи без вакви разговори тешко е да се постигне соработка, која ќе биде стабилна и ќе трае четири години. Нормално, имаме согласност околу владината програма, има работи што сме ги дискутирале и за кои работиме за да најдеме решение. Засега нема договор за коалицирање, има договор да продолжиме и да го најдеме патот како да ги приближиме нашите ставови – истакна Мустафа.