Kосово

Специјалниот претставник на претседателот на САД за преговори меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, повторно негираше дека имало разговори за размена на територии меѓу Белград и Приштина.
– Од моја страна, апсолутно немаше разговор за размена на територија и никој друг не го дискутираше тоа во мое присуство. Ова го кажав многупати – напиша Гренел на Твитер, како одговор на изјавата на косовскиот премиер во заминување Албин Курти на завчерашната онлајн-конференција, организирана од прес-клубот „Конкродија“ од Виена.

Курти рече дека разговорите за територијална размена почнале за време на мандатот на поранешната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини и дека Гренел ја презел идејата и продолжил да врши притисок таа да биде прифатена од коалицијата на Курти.

Тој тврди дека Гренел „го киднапирал“ дијалогот меѓу Србија и Косово и се грижел единствено за „потписот на дното на документот, а не за текстот во него“.
– Нему му е потребен брз договор, за да покаже дека може да решава кризи во светот, веројатно спротивно на Клинтон, Буш и Обама, без никаква воена интервенција, и тоа да го претстави како голем успех во изборната година – рече Курти.