Идејата на овој проект е земјите од овој регион да бидат поврзани преку заедничка туристичка понуда со формирање неколку „балкански“ маршрути

Во Регионалниот совет за соработка во Европската Унија во тек е реализација на проектот за културно-туристичко поврзување на земјите од Западен Балкан, за подобрување на потенцијалот за развој на туризмот, со привлекување поголем број гости од земјите во Европа и светот. Идејата на овој проект е земјите од овој регион (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Македонија) да бидат поврзани преку заедничка туристичка понуда, со формирање неколку „балкански“ маршрути, кои би поминувале низ повеќе места во најмалку три земји. Тие ќе бидат поделени во два сегмента, односно во промоција на заедничкото културно наследство, од различните историски периоди, како и во откривање нови локации за љубителите на авантуристичкиот туризам.

Програмата за промоција на балканскиот културен туризам се состои во три маршрути: Западен Балкан како крстосница на цивилизациите, втората се археолошките наоѓалишта од римскиот период и третата балканска траса се состои од посетување повеќе места во кои се лоцирани споменици од Втората светска војна, кои се истакнуваат со својата архитектонска вредност.

– Заедничко за земјите од Западен Балкан е тоа што тие се наоѓаат на просторот на кој се менувале различни цивилизации од римскиот, отоманскиот, византискиот и австро-унгарскиот период. Целта е да се подобрат и развијат туристичките потенцијали на овие земји и да се привлечат гости што сѐ повеќе се заинтересирани за новиот туристички тренд, а тоа е преку поврзување на т.н. културен и авантуристички туризам. Постојат огромни потенцијали за развој на туризмот во Западен Балкан, а тоа се гледа и низ неговото учество во вкупниот број на вработени и во бруто-домашните производи – вели Никола Гаон, координатор за комуникации во Регионалниот совет за соработка во ЕУ.

Во делот на промоцијата за авантуристичкиот туризам се подготвени неколку „пакети“ за љубителите на овој вид туризам, а тие можат да уживаат во планинарењето, возењето велосипед низ планински патеки, во рафтингот, параглајдреството, алпинизмот… Како најатрактивна понуда што веќе им се нуди на туристите од Европа е планинарската маршрута Виа Динарика, која е долга две илјади километри и се протега низ Динарскиот Масив, од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово и Македонија. Овие програми веќе се промовирани на најголемите светски туристички саеми во Утрехт и Берлин.


Скриеното богатство за Старата скопска чаршија

Од фондовите на ЕУ за промоција на туризмот се на располагање околу пет милиони евра, а околу 1,6 милион евра се предвидени за грантови, кои се наменети за различни проекти. Максималната вредност за поединечен грант изнесува до 54.000 евра, кои се наменети за подобрување на квалитетот на услугите и на инфраструктурата во должина на посочените маршрути. Досега се одобрени 12 проекти од вкупно 30 пристигнати апликации. Првиот грант што е одобрен за промоција на туризмот во Македонија е проектот „Скриеното богатство на Старата скопска чаршија“, кој треба да се реализира до јуни 2019 година. Добитник на грантот е Институтот за стратегиски истражувања и образование (ИСИЕ), кој работи на изработка на апликација и на веб-сајт, преку кои туристите можат да се информираат за сите можности што ги нуди ова старо градско јадро во Скопје, од храна, стари занаети, архитектура, уметност… Оваа апликација ќе биде достапна на десет странски јазици.