Хрватска го губи чекорот со високоразвиените земји, кои применуваат мерки на заштита на индустријата

Регулацијата на пазарот долго време во Хрватска беше табу-тема. За принципите на слободниот пазар се залагаа сите претходни влади, водечки фирми во земјата и истакнати економски теоретичари

Во Хрватска има сѐ повеќе заговорници за воведување некој вид државен капитализам, а за оваа идеја се и стопанствениците, кои до неодамна се залагаа за пазарно стопанство. Економистите велат дека состојбата на глобално ниво се менува и затоа Хрватска мора да фати приклучок. Регулацијата на пазарот долго време во Хрватска беше табу-тема. За принципите на слободниот пазар се залагаа сите претходни влади, водечки фирми во земјата и истакнати економски теоретичари. Претходните години заговорниците за државна интервенција во економијата се сметаа дека се приврзаници на минатото. Но ваквиот однос за прашањето за влијанието на политиката и државата во економијата и на пазарот во последно време видливо се менува. Згора на ова, ова свртување го иницираа одредени претставници на крупниот капитал во Хрватска, односно оние што од сопствени интереси се изјаснуваа за начелото на неконтролиран пазар, пишува во текстот на „Дојче веле“.

Некои видни стопанственици и економисти на неодамнешниот „Кроација е-мобилити форум“ побараа политичка интервенција во насока на затворање на индустриската политика. Ова беше образложено со тоа што некои земји од Европа веќе пристапија кон протекционизам и регулаторни мерки поради притисокот од САД, Кина или од Русија.

Еден од заговорниците на оваа идеја е Жарко Приморец, стопанственик на фирма и консултант, а бил и министер за финансии на Босна и Херцеговина, кој живее и работи во Хрватска. Тој, претходно, како што пишува „Дојче веле“, се залагаше за намалување на работничките права и приватизација на јавните претпријатија.
– Секогаш сум бил поборник за т.н. државен капитализам наспроти слободниот пазар. Тоа се однесува на политиката за развој, од која големите играчи никогаш не се откажале. Хрватска го изгуби чекорот. Преработувачката индустрија, како најизразит дел на индустриската структура на некои земји, кај нас е погребана. Во Германија таа учествува со 23,5 отсто од БДП, во Чешка со 24 отсто, Словенија со 21, а во Хрватска таа учествува со 12 до 13 отсто. Сето друго е дополнување на асортиманот – нагласува Приморац.

Економистот Љуба Јурчиќ, кој последните две децении се залагаше за поактивна индустриска политика во Хрватска, беше нарекуван „комунист“.
– Економските идеи се враќаат во циклуси, како и политичките. По падот на социјализмот во Европа завладеа еуфорија во поглед на воведување на пазарната економија. Се зборуваше за крајот на историјата и за тоа дека сѐ треба да му се преотстапи на пазарот. Се почна со монетарната, а се продолжи со индустриската политика. Се чини, ова им годи само на развиените, силни економии. Ништо не се менуваше сѐ додека и големите не наидоа на нешто поголемо. Затоа, сега се затвораат Германија и Америка. Доналд Трамп дополнително го забрза овој процес. Кај нас се зборуваше дека не ни е потребна индустриска политика, затоа што пазарот ќе ги реши сите прашања. Видовме како големите земји секогаш ја имале оваа политика под контрола – вели Јурчиќ.

Тој посочува и на свртувањето што го имаат направено носителите на некогашната либерализација на пазарот (ММФ, Светската банка и Светската трговска организација), кои сфатија дека слободниот пазар долгорочно е неодржливо, доколку светот не сака да се премине во хаос.

– Примената на индустриските политики, пак, нужно не значи и воведување социјализам. Тие се однесуваат на осмислување и изградба на инфраструктура за приватниот сектор, за институциите, и на крајот на системот за образование за одредени целни гранки. Мора сериозно да се анализира кои се тие гранки – заклучува Јурчиќ.