Лидерката на опозициското Движење за социјалистичка интеграција, Моника Круемади изјави дека криминалците не се плашат од државата, зашто „таа е во нивни раце“.

На средба на Извршниот комитет на партијата, која е трета по големина во Албанија, Круемади, упати до сега најтешко обвинување на адреса на актуелниот премиер Еди Рама, нарекувајќи го „ главен криминалец кој е на чело на Владата“.

– Велат дека криминалците се плашат од државата и од реформите во правосудството, но пукаат со калашњиков во домовите на новинарите. Тоа не е страв. Тие не се плашат бидејќи главниот криминалец е на чело на Владата – обвини таа.

Круемади, која е сопруга на актуелниот шеф на албанската држава,Илир Мета, Владата ја обвини и за растот на сиромаштијата.

Според неа, албанските плати се намалуваат и сиромаштијата се зголемува, што ќе доведе до „епидемиска желба граѓаните да ја напуштат Албанија“.

– Во септември, почнуваат жешки летни денови за политиката. Ќе има тешка парламентарна сесија која започнува со грабежот на Националниот театар, што е грабеж на културата и историјата – рече Круемади.

Кога станува збор за објектот на Националниот театар, за што парламентот, со мнозинство гласови донесе закон за негово уривање, треба да се напомене дека законот не го потпиша претседателот Мета, туку го врати на повторно разгледување во парламентот.

Националниот театар се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола, изграден 1938/39 година од страна на кралското семејство Зогу. Владата тука планира изградба на неколку повеќекатници(кули), а нов театар најави дека гради на друга локација. Против негово уривање, се актери, граѓанскиот сектор, политичари, граѓани.