Фото: Архива

Кандидатот за американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил, деновиве сведочеше пред Одборот за надворешни работи на Сенатот во Вашингтон, непосредно пред конечниот избор за таа функција во Белград. Неговото обраќање пред американските сенатори може да се сведе на три точки, на три клучни пораки. Што се однесува до најжешката тема што ја засега Србија, Хил апсолутно застанал на страната на Косово, со јасна и непомирлива позиција, од која нема отстапки. Како што пренесуваат медиумите, тврдиот став на Хил гласел: „Заемното признавање на Србија и Косово е најдобриот начин за напредок“.
Вториот став се однесува на Босна и Херцеговина, за која нема амбасадорски мандат, но, сепак, застанал на страната на официјално Сараево и Бошњаците. Целата вина за кризата во оваа држава Хил ја адресира на Република Српска и Милорад Додик, пренесуваат српските медиуми. Во извештаите натаму се додава дека во Сенатот, Хил ветил дека за таа позиција ќе бара поддршка од Белград, бидејќи е уверен оти со раководството на Србија може да се најде заедничка основа за овие прашања.
Третата важна задача на Хил ќе биде да ја натера Србија да им го сврти грбот на Русија и Кина. Како што признал во Сенатот, тој е загрижен дека Белград се врти кон Русија за одредени набавки за армијата и кон Кина кога станува збор за инфраструктурни потреби.
Ваквите негови ставови предизвикаа сериозна загриженост во Белград, но, од друга страна, медиумите коментираат дека сега, кога тој доаѓа со „отворени карти“, можеби ќе им биде полесно на официјалните лица да подготват соодветен одговор за долгата дипломатска игра што претстои со него.