Мотивот на убиството на Драгослав Милорадовиќ, врз кого синоќа беше пукано од мопед во движење, најверојатно е судир на криминални групи околу водењето на бизнисите на шефот на Земунскиот клан Лука Бојовиќ.

Милорадовиќ беше убиен синоќа во белградската населба Карабурма, пред пералница за автомобили чиј сопственик е, а првите детали во истрагата говорат дека станува збор за дело на добро организирани, искусни и професионални убијци.

На мопедот од кој било пукано и кој при бегството бил запален, се наоѓале две лица кои на главата имале заштитни кациги.

– Убијците се веројатно во штек стан, додека не помине полициската операција „Виор“. Обично тоа така се прави во првите 24 часа, кога станува збор за нарачани ликвидации – наведува упатен соговорник на весникот „Блиц“.

Според добро познатото сценарио, убијците извесно време пред злосторството изнајмуваат штек стан во кој ќе се сокријат и смират по извршувањето на злосторството.

– Штек станот никогаш не го изнајмува извршителот на кривичното дело, туку тоа го прави преку посредник, некој што на сопственикот на станот нема да му биде сомнителен, девојка, невпечатлив маж… – раскажува изворот на „Блиц“.

Убиениот Милорадовиќ од порано и е познат на полицијата, пред сė како близок соработник и кум на Лука Бојовиќ и добар пријател на неговиот убиен брат Никола.

Милорадовиќ беше поврзуван и со обидот за убиство на Милан Беко.

Врз Драгослав Милорадовиќ било пукано синоќа околу 20:30 часот, а смртоносните истрели биле испалени во моментот кога некој го повикал на телефон. Засега не е потврдено дали убијците ја повикале жртвата за да му го одвлечат вниманието или напаѓачите само го искористиле тој момент.