Во Москва денеска беа кремирани посмртните останки на вдовицата на поранешниот претседател на Србија и СР Југославија, Слободан Милошевиќ, Мирјана „Мира“ Марковиќ.

На кремирањето присуствуваа нејзиниот син Марко Милошевиќ, претставници на Амбасадата на Србија во Москва и близок круг на пријатели и соработници на Марковиќ.

Ќерката на Марковиќ, Марија Милошевиќ не присуствуваше на кремирањето, слично како и при погребот на нејзиниот татко во 2006 година, затоа што живее во Црна Гора, а не поседува патни исправи и документи за лична идентификација.

Урната со пепелта на Марковиќ утре ќе биде пренесена во Белград, по што в сабота ќе биде положена во дворот на семејната куќа на семејството на Милошевиќ во Пожаревац, каде што е погребан и нејзиниот сопруг.

Мира Марковиќ почина во неделата во Москва на 77-годишна возраст, поради компликации предизвикани од воспаление на белите дробови.