Одлучните чекори кои Грција ги направи кон изградба на првиот крематориум во земјата би можела да ги продлабочи внатрешните поделби во време кога црквениот врв треба да одлучува за владиниот предлог за одделување на црквата од државата. Водството на Грчката православна црква (ГПЦ) треба да заседава на итен состанок закажан за утре, со цел да донесе одлука за важното прашање, откако заврши првата рунда преговори помеѓу специјалниот комитет на свештенството и Министерството за образование и религија, според „Катимерини“.

Синодот на ГПЦ свика тридневен состанок на 82-та бискупи, по одлуката според која потребна е нивна авторизација за преговорите со владата, во врска со спорните аспекти од предлогот кој предвидува плаќањето на свештенството да биде тргнато од државниот буџет. Според владиниот предлог, договорот прво треба да биде потпишан од црквата пред ставањето пред парламентот за ратификација.  

Грција зачекори напред кон отворање на првиот крематориум во државата, усвојувајќи декрет кој води кон изградба на ваквата просторија во Атина, и покрај постојаното спротиставување на црквата, пренесува британски „Гардијан“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја опиша мерката како „една од најбитните и најнеопходни реформи“, додека градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, ја опиша како „значителен чекор“. Каминис кој се залагаше за озаконување на мерката уште од 2014 година, истакна и дека градските власти се соочувале со бројни потешкотии за исправање на „слабостите во правната рамка“ за да стигнат до оваа точка.

Грците досега беа принудени да одат во странство за да обезбедат кремирање на нивните починати најблиски, со што соседната Бугарија беше најблиската дестинација што нуди ваква можност.

Грчката црква досега жестоко се противеше на одлуката за изградба на крематориум, и покрај недостигот на гробни места во државата. Грчкото свештенство смета дека кремирањето се спротиставува на верските учења и не може да биде прифатено.