За многумина економски и политички теоретичари останува неразјаснета дилемата дали опстојувањето на поранешната југословенска заедница ќе беше успешно во услови на пазарна економија

Годинава Србија на меѓународните кредитори ќе им исплати 241,64 милион евра врз основа на искористените заеми во време на СФРЈ. Со состојбата од 31 декември 2019 г. српската држава должи вкупно 1,9 милијарда евра. Кредитите од Титовата Југославија сегашната генерација ќе треба да ги исплаќа уште две децении. Сепак, не може да се рече дека економијата во самоуправниот социјализам на поранешната југословенска федерација во целиот период била зависна од странските кредити. За многумина економски и политички теоретичари, филозофи и историчари, останува неразјаснета дилемата дали опстојувањето на поранешната југословенска заедница ќе беше успешно во услови на пазарна економија, доколку останеше во формата во која беше создадена по Втората светска војна. Но СФРЈ како што ја познаваме имаше и успешни периоди, ако се гледа низ аспектот на економските перформанси.

– Голема шанса е пропуштена во средината на шеесеттите години, кога почна реформата, која требаше да ја постави економијата на здрави пазарни основи, со чекор со развиениот свет. Со отстапување од тој пат беше трасиран патот до пропаста – вели економистот Стојан Стаменковиќ, во изјава за „Политика“, кој во осумдесеттите години бил дел од владите на премиерката Милка Планинц и во тимот на Анте Марковиќ.
Во периодот по 1960 година, државата се соочи со првата драматична пресвртница, економска и политичка, по првите добри 15 години по војната. По обновата и индустријализацијата на земјата, со почетни фази на самоуправување, Југославија беше економско чудо. Националниот производ од 1954 и 1964 г. беше зголемен за 188 отсто, а индустриското производство растеше со стапка од 13,83 отсто на годишно ниво. Во тој период само Јапонија имаше поголема стапка на раст. Но од тогаш почна и хроничната болест на југословенското стопанство, платите растеа побрзо од продуктивноста, што нужно водеше до инфлација.

– Тито на почетокот беше голем поборник на реформите. Но на крајот на шеесеттите години го менува курсот. Во државниот и во партискиот врв преовладаа силите што сметаа дека контролата над власта и економијата треба да се симне на републиките. Разликите меѓу развиените и неразвиените членки на федерацијата се зголемуваа – вели Стаменковиќ.
Политичките отпори кон реформите беа сѐ поголеми и тоа донесе лоши економски резултати. Социјалните разлики стануваа сѐ поизразени, се појавија и првите студентски протести во 1968 година, кога се извикуваа пароли „Долу црвена буржоазија“. Следуваше период на откажување од реформите.

Од 1975 до 1979 година надворешниот долг на земјата од пет се зголеми на 19 милијарди долари. Републиките лесно се задолжуваа кај меѓународните финансиски институции. Огромни средства завршија во инвестиции што носеа загуби. А постојаното задолжување беше единствен начин да се одржи ликвидноста на стопанските субјекти. Странските кредитори почнаа да ја затвораат славината за евтини кредити. На повидок беше голема економска криза, со девалвација на динарот, намалување на платите, штрајкови, недостиг од основни производи за живот, рестрикции на струја и нафта…