Народната банка ги олесни мерките за купување станови заради потикнување на домашното производство

Во Србија во периодот на пандемијата се случува зголемена изградба на станови и покрај високите цени за еден квадрат, кои во новоградбата достигнуваат и до 3.000 евра

Предвидувањата дека ќе се случи вртоглав пад на цените на недвижностите во Србија, во периодот на пандемијата, не се остварија. Цените на станбен квадрат, кои пред кризата пораснаа за повеќе од 30 отсто, останаа на исто ниво. Стручњаците велат дека нема опасност од „пукање на градежниот балон“, затоа што додека има купувачи и висока побарувачка, цените за становите се оправдани и нема простор за нивно намалување.
Просечната цена на квадрат станбена површина во новоградба, кои се и најбарани, во Белград е околу 2.000 евра. Но недвижностите на луксузните локации, па дури и оние од постарите објекти, достигнуваат и до три илјади евра, а во новите објекти и многу повеќе.
– Ова е неверојатна состојба. Во време кога се зголемуваат последиците од корона-кризата, во Србија како ништо да не се случува. Пазарот на недвижности не е погоден од пандемијата. Цените се стабилни, а најбрзо се продаваат малите станови и новоградбите – вели Кача Лазаревиќ, сопственичка на агенција за недвижности за „Блиц бизнис“.

Луѓето полесно земаат кредити за купување станови, а сега се и поповолни. Многу банки во Србија ја прифатија иницијативата на Народната банка на Србија да може да се подигне кредит и за покривање на учеството од 10 отсто. Од први септември ќе стапат во сила олеснувањата за подигнување кредит и кога објектот е со 60 отсто изграденост. Сето друго е дел од политиките на комерцијалните банки во Србија.
За високите цени на становите влијае и висината на надоместот за градежно земјиште што го плаќаат инвеститорите. Исто така, поскапеле и занаетчиските услуги. За да ги привлечат купувачите, инвеститорите вградуваат и мермери на влезовите и во бањите, а се прават и пошироки гаражи. Сево ова влијае на цените во старата градба, кои се продаваат од 1.800 до 2.200 евра за квадрат во центарот на градот, но во приградските населби на Белград може да се најдат станови за 1.400 и 1.500 евра.

– Се забележува и промена на однесувањето на сопствениците на станови и повеќето од нив имаат пофлексибилен однос во преговорите за цената. Побарувачката по мај, годинава, повторно почна да расте. Ценовната крива се очекува да паѓа од следната година. Државата со разни мерки за експанзивна фискална политика се обидува да ги раздвижи понудата и побарувачката на пазарот на недвижности. Колку е таа долгорочна одржлива зависи од многу фактори – вели Милош Митиќ, оперативен директор во белградска агенција за недвижности.
Државата сака да го поттикне домашното производство со форсирање на станбената изградба. Градежниот сектор во 2019 година имаше годишен раст од 35 отсто, а во периодот на пандемијата изградбата на станови не се намали. Во првото полугодие годинава вредноста на градежните работи во споредба со истиот период лани е зголемена за 6,8 отсто, изјави Милоје Обрадовиќ, државен секретар во Министерството за градежништво.
– Сега на сите граѓани им е олеснет пристапот за добивање кредит за стан, а не само за првиот стан, како што беше претходно – нагласува Обрадовиќ во разговор за „Политика“.

Според податоците на Здруженијата на банки, бројот на станбените кредити, од март до крајот на јуни, е зголемен за три отсто, а продажбата на недвижности е многу подобра пред појавата на коронавирусот.
– Сега е поевтино да се плаќа рата за кредит отколку да се изнајмува стан. Учеството за кредитите е намалено на 10 отсто, а каматите се ниски и поисплатливи за инвестирање во купување стан, наместо да се штеди во банка. Недвижностите во новоградбите се купуваат главно со кредити. Ќе видиме како ќе се приспособат банките на новите мерки на Народната банка, а најверојатно овие кредити ќе мора да се осигурат кај Националната корпорација за осигурување на станбените кредити – вели Лазаревиќ за „Политика“.