Поранешниот спикер на косовското Собрание и актуелен претседател на Националниот совет на владејачката Социјалдемократска иницијатива (Нисма), Јакуп Красниќи категорично се спротивставува на барањата за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Красниќи дури оцени дека таксата е задоцнета и дека „со оглед на агресивната политика на Србија“, Косово треба да воведе и други мерки и да го услови дијалогот за решавање на споровите со соседната земја, што се води под покровителство на Европската Унија.

Поранешниот претседател на Парламентот и политички комесар на Ослободителната војска на Косово (ОВК), во интервју за приштинската агенција Косовапрес, го советува премиерот Рамуш Харадинај да не ја повлекува одлуката за таксата, бидејќи, како што наведе, меѓународниот притисок треба да се насочи кон Белград, а не кон Приштина.

– Јас мислам дека Косово треба да донесе и други мерки и можеби и да го услови дијалогот. Но, Косово не е тоа кое го условува дијалогот, иако има многу причини да го стори тоа, истакна Красниќи.

Тој смета дека дијалогот со Белград треба да го води преговарачкиот тим избран од Собранието и предводен од лидерот на Нисма, вицепремиерот Фатмир Лимај, а не претседателот на државата Хашим Тачи, на чија идеја за „корекција на границата со Србија“ исто така остро се спротивставува.

– Косово нема што да ѝ даде на Србија, посочи Красниќи.