Повеќе настани се случија во изминатиот месец во земјите од Балканот, што на момент ја нарушија едноличната и по малку досадна дневна рутина низ која жителите од овој регион го поминуваа и го преживуваа периодот на самоизолација, карантини и полициски часови поради пандемијата на коронавирусот. По неколкумесечното принудно смирување на состојбата, повторно на површина излегуваат „внатрешните“ проблеми, со кои се нарушуваат релативно стабилните политичко-општествени односи во секоја земја поединечно. Накратко, новинарскиот рапорт за Балканот е следен: Во Бугарија траат неколкудневните демонстрации против „корумпираната“ влада на Бојко Борисов. Тензиите меѓу Турција и Грција повторно ескалираат. Незадоволните граѓани во Србија протестираа против „невистините“ што ги пласира власта за епидемијата.

Владата во Црна Гора и Српската православна црква не можат да се договорат за сопственоста на црковниот имот. По смената на новоизбраната приштинска влада под водство на Албин Курти, против косовскиот претседател се отвори судски процес за воените злосторства на ОВК. Во Македонија албанските партии се „договараат“ за заеднички настап при формирањето на новата коалициска влада. Во исто време Али Ахмети, претседателот на ДУИ, е повикан во Судот во Хаг!
Сите овие случувања, иако се неповрзани едни од други, ги отвораат сомневањата дека нешто „чудно“ се случува зад балканската политичка сцена. Несомнено, Балканот од порано е место на кое се поклопува влијанието на големите светски сили, кои секогаш ги користат слабостите и нарушените односи во некоја земја, заради остварување на своите геополитички планови.

Дали и сега борбата за странско влијание е причина за обидите за дестабилизирање на балканските земји, преку наметнување на политиките за кои се залагаат од Европската Унија, САД и од Русија?
Медиумите секојдневно информираат за Бугарија, која ги доживеа своите најголеми антивладини протести во последниве седум години, среде растечката криза поради корупцијата во владата на Бојко Борисов, во која се откри како олигарсите добиле контрола врз клучни делови од државата, како што се судството и безбедносниот апарат. Сликата за протестите на опозицијата во Софија станува појасна по соопштението на американската амбасада во Софија, со кое им се дава „прикриена“ поддршка на антикорупциските демонстранти, кои повикуваат на оставка на премиерот Бојко Борисов. Тој важи за клучен сојузник на германската канцеларка Ангела Меркел и на европските лидери, кои избегнуваат какви било критики во изминатите денови, и покрај сериозните индиции за криминал во власта.

Од друга страна, односите на САД со Бугарија се деликатни. Двете земји се сојузници во НАТО, но Вашингтон исто така е загрижен поради длабоките историски врски на земјата со Москва и фактот дека со една нога е влезена кон руското снабдување со енергија.
Весникот „Билд“ минатата недела објави дека германската канцеларка Ангела Меркел спречила вистинска војна меѓу Грција и Турција, која не отстапува од намерите да истражува нафта и гас во близината на водите околу грчките острови, кои Атина ги смета за сопствена територија на море.
– Турскиот претседател ќе продолжи со воените подбуцнувања. Дали ќе дојде до војна зависи од тоа како ќе се постават ЕУ и пред сѐ САД во овој спор меѓу двете членки на НАТО. Ердоган ќе ја искористи политиката ни ваму ни таму од САД, како и неодлучноста на ЕУ. Брисел засега се одлучи за соопштенија и закани со санкции кон Турција. Но САД се во тешка состојба, поради претходните конфликти со Турција, како што е набавката на руски противракетен систем „С-400“. Од друга страна, Вашингтон се обидува да го намали влијанието на Русија во источното Средоземје и во Либија, и тоа со помош на Анкара – вели Гинтер Зојферт од берлинскиот Центар за применети турски студии.

Последните протестите во Белград се случија во мошне невообичаен термин, и тоа неколку дена откако партијата на Александар Вучиќ освои апсолутна победа на парламентарните избори во Србија. Политичките набљудувачи го поврзуваат тоа со најавата за продолжување на долгоочекуваниот дијалог меѓу Косово и Србија. Српскиот претседател веднаш „откри“ дека за протестите на граѓаните стојат странски организации, но без притоа да наведе за која земја станува збор, но со јасни назнаки дека во тоа има влијание и соседна Хрватска. Но во медиумите во прв план излезе приказната за инволвирање на Русија, во контекст за „промена во руско-српските односи“. Аналитичарите сѐ почесто ја користат тезата дека Русија е противник за конечно решение за проблемот со Косово, со што ќе се олесни и евроатлантската интеграција на земјите од регионот. Меѓутоа, во косовскиот спор се повидливи и подлабоки разликите меѓу САД и ЕУ, пред сѐ на Германија, која се противи на какви било територијални прекројувања на Балканот.

Токму судирот на интересите меѓу Вашингтон и Брисел се виде и при неодамнешната смена на Владата на Албин Курти, кој важеше за главен лобист за спроведување на европските интереси на Косово. Сега на власт е политичка гарнитура што е блиска со Вашингтон, но по поднесувањето обвинение за косовскиот претседател Хашим Тачи за сторени воени злосторства, кој беше и важен приврзаник на идејата за размена на територии, неизвесно е конечното решение за Косово, иако се прават засилени обиди за продолжување на преговорите на техничко ниво.
Приказната за влијанијата на меѓународната заедница во „балканските работи“ има свое продолжување и во Македонија, која не е исклучена од влијанието на глобалните политички играчи.

Не случајно на денот на изборите имаше и неидентификуван хакерски упад на интернет-страницата на Државната изборна комисија, а наедно се објави и веста дека поранешниот воен водач Али Ахмети е повикан да го посети меѓународниот суд во Хаг, во врска со отворениот предмет против косовскиот претседател. Како по правило, по секои избори во нашата земја и при формирањето на новата влада се отвора нова т.н. албанска платформа, која се наметнува од најголемата партија ДУИ, а во последниот случај вештачки се наметнува и темата за „првиот премиер Албанец“. Во целата оваа постизборна неизвесност во Македонија беа соопштени ставовите на САД и на ЕУ дека се поздравуваат изборните резултати, кои ја искажуваат волјата на граѓаните за продолжување на евроатлантските процеси и спроведување на Преспанскиот договор.