Се уште не е познато дали доставените материјали се автентични

Непознат испраќач доставил 4.000 материјали за сведочење на заштитени сведоци, а од Организацијата на воените ветерани велат дека со првиот пакет добиле и писмо во кое се вели дека наредните денови ќе им пристигнат нови седум илјади досиеја

Непознат испраќач на истражителите на Специјалниот суд за процесирање на злосторствата на припадниците на поранешна ОВК им достави досиеја со имиња и изјави на сведоци поврзани со отворените предмети од Специјалниот суд. Оваа информација ја потврди приштинскиот адвокат Том Гаши, кој предупреди дека постои голема веројатност за влијание и застрашување на заштитените сведоци. Можни се ризични и правни последици за сведоците доколку нивните имиња се објават. Со закон е забрането да се објавуваат имињата на сведоците. Сите сведоци мораат доброволно да даваат изјави, а не нивните имиња да се објават пред почетокот на судењето, пренесува „Данас“.
– Имам писмена потврда дека обвинителите во Хаг ја презеле документацијата. Во текот на истражната постапка обвинителството ќе се обиде да дознае како е доставен материјалот до Организацијата на поранешните ветерани на ОВК, бидејќи од обвинителството немаат никаква правна причина ним да им се достават овие документи – изјави Гаши за „Косово онлајн“.

По доставувањето на околу 4.000 документи од Организацијата на воените ветерани на ОВК до Специјалниот суд за злосторства на ОВК, сѐ уште не е познато дали овие документи се автентични, а нема информации ни за лицето што ги доставило во канцеларијата во Приштина, пишува „Спутник“.
– Побарани се копии од овие документи. Моравме да им дадеме копии на косовското обвинителство и на судот во Хаг. Примопредавањето на документите е извршено со записник – изјави за приштинските медиуми Фатон Кљинаку, секретар на Организацијата на ветераните од ОВК.
Претседателот на оваа организација, Хисни Гуцати, рече дека пакетот им бил доставен од непознато лице што носела капа, очила и маска. Документацијата со содржини од сведочењата се донесени во период кога се очекуваше обелоденување на првите обвиненија. Во февруари, обвинителството објави дека ќе предаде предлог-обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи и Кадри Весели, кои се сомничат за убиство на повеќе од 100 лица. Со обелоденување на овие обвиненија се врши и притисок на сведоците во судот, пишува „Спутник“.

Српските медиуми објавија дека Тачи и Весели стоеле зад тајната кампања за да се укине законот со кој се основа посебен суд за злосторствата на припадниците на ОВК, а и за други потези што ја опструираа работата на судот. Заменикот на Гуцати, Насим Харадинај, објасни дека во прашање се досиејата за сведочењето пред овој суд. Во нив се содржани фактите за воените злосторства на Косово, па дури и имињата на заштитените сведоци и нивните искази, изјави Харадинај.
Адвокатот Артан Ѓеркини изјави дека Организацијата на воените ветерани не е адресата на која треба да се испраќаат кои било документи.
– Ова е невообичаена процедура. Останува да се види како ќе се реши ова прашање. Веруваме дека ќе добиеме брз одговор за тоа како овие „докази“ можеле да излезат од Специјализираното обвинителство или од судот. Тие имаат обврска да информираат како се случило тоа – изјави Ѓеркини.

Доколку од Специјалниот суд протекуваат овие документи, тогаш неговиот кредибилитет би можел да биде сериозно нарушен, а ако се докаже дека има и прекршување на прописите од страна на судските органи, тогаш нема дилема дека тој суд не е веродостоен да се занимава со овие предмети, смета Ѓеркини.
Од Организацијата на воените ветерани велат дека со првиот пакет добиле и писмо во кое се вели дека наредните денови ќе им пристигнат нови седум илјади досиеја, пренесува „Спутник“.
На почетокот на месецов, претседателот на ДУИ Али Ахмети беше повикан од Меѓународниот суд во Хаг, во својство на сведок, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во Косовската војна во 1998-1999 година.

– До завршувањето на овој процес не можам да споделам никаква информација со јавноста, затоа што така е предвидено со закон. Кога ќе добие епилог процесот, тогаш ќе можеме да говориме, тогаш тоа ни го дозволува и законот – изјави лидерот на ДУИ, по давањето на исказот пред судските истражители.
Како што наведуваат косовските медиуми, Ахмети е повикан од меѓународниот суд, чие седиште е во Хаг, во својство на сведок, како еден од основачите и поранешен член на главниот штаб на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и активен учесник во Косовската војна во 1998-1999 година. Поканата за интервју му е доставена во јули годинава.
Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население за време на војната во Косово, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК. Истрагите се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.