Како да се заштитат изворите на пивка вода

Хрватскиот правен центар што ги штити човечките права неодамна испрати отворено писмо до премиерот Андреј Пленковиќ, во кое се бара промена на одлуката на Владата околу концесискиот договор за црпење минерална вода и за договорот за концесија за црпење термална вода за технолошки потреби и за продажба на пазарот со компанијата „Јамница“ од Загреб.
Со оваа владина одлука компанијата, која има огромен пазарен потенцијал, е предадена во рацете на странците. Хрватскиот правен центар предупредува дека се работи за политичко и безбедносно прашање, бидејќи водата генерално е јавно добро и човеково право, а не пазарен производ.

Водата за пиење со сигурност претставува најважен хрватски природен ресурс, што во наредните децении, во услови на глобално затоплување и климатски промени, би можел да има силно влијание врз сигурноста на земјата. Токму затоа, изворите со пивка вода треба да се заштитат. Во писмото, Хрватскиот правен центар ја повикува Владата да му додели концесија на јавно претпријатие.
Хрватските медиуми пишуваат алармантни статии за губење на националната контрола над најголемите извори на вода за пиење. Четирите најголеми извори не се повеќе во рацете на Хрватска. Наједноставно кажано, многу е несериозно Владата да го допушта тоа и мирно да го набљудува.

Причината за постоење на која било влада е да ги заштити националните интереси, како јавните, така и индивидуалните. Постојаниот пораст на цените на водата е директен резултат на либерализацијата на овој вид комунални услуги и приватизацијата на изворите со вода за пиење.
Обединетите нации во 2008 година го прогласија правото на пивка вода како основно човеково право. Словенија со устав забрани продажба на сопствените водни ресурси, но се чини дека земјите во регионот не се свесни дека со лошото и неодговорно управување со водите загрозуваат едно од основните човекови права на своите граѓани.

Приватизацијата на изворите со вода за пиење во Србија, но исто така и во остатокот од регионот, мина речиси незабележливо. Не е чудно што изворите со пивка вода беа меѓу првите што се приватизираа во регионот. Впрочем, водата е врвен производ, а потрошувачи има многу.
Податоците на Евростат од октомври 2017 година покажуваат дека регионот има многу да понуди кога станува збор за вода. Хрватска има просек од 27,330 кубни метри свежа вода по жител, што ја става на прво место во Европската Унија (ЕУ).
Низ ЕУ луѓето го креваат својот глас против комерцијализацијата на водата, а досега се собрани околу милион потписи, за да го прогласат правото на вода за пиење како едно од основните човекови права на ниво на ЕУ.