Приска Матимба Нијамбе ќе биде запаметена поради нејзиното несогласување во однос на речиси сите точки во жалбеното сослушување на кое беше потврдена првостепената пресуда против воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ. Тој претходно беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства за време на војната во БиХ.

Шеесет и деветгодишната судијка од Замбија претходно беше дел од Меѓународниот трибунал за Руанда, сестринскиот суд на Хашкиот трибунал. Таа претседавајќи со Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, вчера се спротивстави на сите одлуки во жалбениот процес на Ратко Младиќ, што сигнализираше дека верува оти имало пропусти во првичното судење во кое генералот на босанските Срби беше осуден на доживотен затвор.

Нијамбе исто така истакна дека го прифаќа објаснувањето на Младиќ оти  преместувањето на околу 30 илјади босански муслимани од Сребреница кога енклавата падна под контрола на неговите сили, било извршено поради „хуманитарни причини“. Таа беше единствена во петчлениот совет која се спротивстави на одлуките, но нејзините гледишта не се изненадување.

Во 2012 година Нијамбе се противеше и на пресудата на српскиот генерал од Босна Здравко Толимир, велејќи дека масакрот во Сребреница бил дело на „мала група која дејствувала без одобрување“.

Ставот на Нијамбе наиде на негодување на јавноста и медиумите во БиХ, со што весникот „Дневни Аваз“ ја нарече „срамота на Хашкиот суд“.

Младиќ се наоѓа во притвор во Шевенинген од 31 мај 2011 година. Тој беше уапсен од српските власти на 26 мај истата година во Лазарево кај Зрењанин и беше испорачан на Трибуналот. Хашкиот трибунал го обвини генералот Младиќ за првпат на 25 јули 1995 година, а обвинението беше изменето неколкупати до 2011 година. Неговото судење траеше од 16 мај 2012 година до 15 декември 2016 година. Во текот на 530 работни дена беа сослушани 169 сведоци на обвинителството и 208 сведоци на одбраната. Писмените изјави на уште 214 сведоци беа исто така признати како докази. Прифатени беа 9.914 доказни предмети.