Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека на разговорите за надминување на одредени прашања со албанската страна никогаш не станало збор околу прашањето за Чамите (протерани Албанци од грчката област Чамарија).

Во написот под наслов „Коѕијас ги разоткри лагите на Рама и Бушати“, порталот „Албеу“ наведува дека Коѕијас во интервју за „euroactiv.com“ изјавил оти албанските претставници никогаш не го спомнале прашањето за Чамарија.

– Мислам дека ќе ги решиме прашањата, кои не чекаат, под услов опозициските партии во двете држави да не почнуваат да реагираат хистерично. Многу сум тажен поради тоа што го тврди грчката опозиција. Тие велат дека зборуваме за Чамарија. Ние воопшто не дискутираме за тоа, изјави Коѕијас.

Посочува дека за првпат „една друга грчка влада“ во почетокот на 1990 година дебатирала околу ова прашање, нагласувајќи дека бил очевидец, бидејќи присуствувал на таа дебата.

Во меѓувреме се очекува да биде финализиран договорот околу определувањето на морската граница меѓу двете држави, со која, според обвинувањата на опозицијата, Албанија и отстапува на Грција 12 милји од Јонско Море.

Грчките медиуми пренесуваат дека договорот за морската граница ќе биде потпишан во првите десет дена од јули од шефовите на дипломатиите Коѕијас и Бушати во присуство на премиерите Ципрас и Рама.