Министерството за надворешни работи на Косово соопшти попладнево дека со Гана има мошне добри односи, кои бележат само напредок од самиот почеток на признавањето на косовската независност, јави дописникот на МИА од Приштина.

Соопштението доаѓа по посетата на министерката за надворешни работи на Гана на Белград, каде наводно се разговарало за можноста оваа земја да го повлече признавањето на Косово.

Министерството кое го води Беџет Пацоли, во денешното соопштение потсети дека „покрај постојаното градење мостови на пријателство меѓу двата народи и отворањето нови можности меѓу двете земји, во јуни годинава е акредитирана нерезидентната амбасадорка на Гана во Косово, Салма Франсес Мансел.

– МНР смета дека другите известувања, надвор од тие за добрите и стабилни односи меѓу Косово и Гана, се едноставно продолжување на српската пропаганда со лажни вести – се вели во соопштението.

Српските медиуми денеска информираа дека министерката за надворешни работи на Гана Ширли Ајоркор Бочуај, за време на престојот во Белград, изјавила дека нејзината земја ќе ја преиспита одлуката за принавање на независноста на Косово.