Косовските медиуми кои известуваат од денешната посета на Брисел на владина делегација од Косово, предводена од премиерот Рамуш Харадинај, јавија дека прес-центарот на Европската унија ја одложил заедничката конференција за медиуми по седницата на Советот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) Косово-ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според извештаите, одлагањето е направено поради напнатата атмосфера што владее на средбата на ССА, на која се расправа за таксата од 100 отсто која Владата на Харадинај ја воведе на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина.

Тоа, како што потсетуваат приштинските медиуми, е втор пат ЕУ да постапува кон Косово на истиот начин по состанок на ССА. Истото се случи и минатата година, во време кога ЕУ вршеше притисок врз Приштина за ратификација на демаркацијата со Црна Гора.

Официјален Брисел бара од Приштина да ја укине таксата кон Србија и БиХ, додека Владата на Харадинај упорно останува на ставот дека тоа ќе се случи „кога Белград ќе престане со деструктивното однесување кон Косово“ и кога ќе ја признае неговата независност.