Претседателот на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Вјекослав Вуковиќ изјави денеска дека во БиХ се загрозени 10.000 работни места откако Приштина воведе 100-процентни царини на производите од таа земја.

Вуковиќ вели дека БиХ во Косово извезува стока со 10 пати поголема вредност отколку што увезува, поради што воведувањето на контра мерки не би имало ефект.

-Се влезе во сфера на политичко дејствување што Надворешнотрговската комора на БиХ не би смеела да ги набљудува на таков начин, но мораме да најдеме некои одговори за нашите стопанственици и им дадовме целосна поддршка на Претседателството на БиХ и Министерството за надворешна трговија и економски односи за преземање на сите потребни мерки, наведе тој.

Додаде дека вистинската адреса за оваа ситуација е Европската комисија како носител на ЦЕФТА, бидејќи внатре во тој трговски договор не постои механизам за решавање на спорови.

Прецизирано е дека една петтина од извозот на Бих на Косово, ја сочинуваат производи од Република Српска, додека остатокот го прават производи од Федерацијата БиХ.

Главни производи за извоз од БиХ на косовскиот пазар се млеко, масло и хартиена галантерија.